„Руини“ на Елена Чемерска имаше светска премиера пред полна сала во Шангај

Филмот „Руини“, во продукција на „Синема Футура“, беше премиерно прикажан на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, по што следеше разговор со публиката и долги аплаузи за авторскиот тим.

Дебитантскиот долгометражен документарен филм „Руини“ на режисерката Елена Чемерска ја имаше својата светска премиера на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, пред преполна сала во Филм Арт Центар во Шангај.

Проекцијата се одржа на 14 јуни 2026 година, а по прикажувањето следеше разговор со публиката, која со голем интерес ги сподели своите впечатоци за филмот.

По премиерата, авторскиот тим беше поздравен со долги аплаузи, а бројни посетители останаа на средба со авторите, фотографирање и автограми.

„Руини“ е дебитантски долгометражен документарен филм на Чемерска, во продукција на „Синема Футура“. Продуценти на филмот се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, а копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева. Извршен продуцент е Атанас Георгиев.

Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор е Игор Василев Новоградска, а дизајнот на звук е на Лука Гамулин.

Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.

„Руини“ е копродукција меѓу „Синема Футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со Filmtrick.

е-Трн да боцка во твојот инбокс