Search
Извештај на Полскиот Економски Институт

Полјаците денес се во просек 40% побогати отколку што би биле доколку земјата не влезеше во ЕУ

Полјаците се во просек 40 отсто побогати отколку што би биле доколку земјата не влезеше во Европската унија, покажува новиот извештај на Полскиот Економски Институт, објавен по повод 20-годишнината од пристапувањето на Полска во ЕУ.

Аналитичарите на PIE пресметале дека полскиот БДП по глава на жител во однос на паритетот на куповната моќ (ППП) – мерка за економската активност земајќи ја предвид големината на населението и трошоците за живеење на земјата – во 2022 година била 39,6 отсто повисока од тоа што би била ако земјата не влезеше во ЕУ.

Помеѓу осумте источни земји-членки кои се приклучија во 2004 година, само Литванија (60,3%) според ПИЕ имала поголема премија од членството во ЕУ од Полска. По нив следуваат Летонија (32,2%), Словачка (18,2%), Унгарија (13,4%), Чешка (8,4%), Естонија (0,4%) и Словенија (0,1%).


Аналитичарите на Полскиот Економски Институт откриле дека полскиот просечен годишен раст на БДП по глава на жител помеѓу 2004 и 2022 година од 4,2% би бил за 1,7 процентни поени понизок доколку Полска го продолжела развојот надвор од ЕУ.

„Да останеше надвор од ЕУ, полскиот животен стандард, мерено според БДП по глава на жител, ќе беше [во 2022 година] на истото ниво како што беше помеѓу 2014 и 2015 година“, се вели во извештајот.

За земјите кои се приклучија на ЕУ во 2004 година, „еден од најзначајните фактори што влијаеше на економскиот развој на нашиот регион беше пазарот на ЕУ“, вели  Марек Васињски, шеф на глобалниот економски тим на PIE.

„Ова донесе прилив на странски инвестиции, доведе до петкратно зголемување на вредноста на извозот на стоки и го зголеми нивното ниво на софистицираност“, додава тој.

„Интеграцијата во ЕУ ја претвори Централна Европа во извозен центар“, вели Васињски. „Иако поголемиот дел од производите и услугите беа доставени до ЕУ, речиси половина од додадената вредност на крајот го најде својот пат – исто така преку индиректен извоз – на пазарите низ целиот свет“.

Во сите осум земји во регионот, индикаторите кои го мерат квалитетот на животот значително се зголемија во последните две децении, забележува PIE.

Во случајот на Полска, очекуваниот животен век се зголемил на 77 години во 2022 година од 75 во 2004 година, просечниот број на години поминати во училиште се зголемил на 15,9 од 14,8, а приходот по глава на жител се зголемиле на 35.151 долари од 17.708 долари во 2004 година.

„Покрај тоа, ризикот од сиромаштија падна под просекот на ЕУ во пет од осумте анализирани земји-членки, а перцепцијата за корупција се намали насекаде, освен Унгарија и Словенија“, пишува PIE.

Во извештајот објавен минатиот месец, аналитичарите на полската банка Пекао пресметале дека во текот на изминатите 20 години Полска забележа највисок кумулативен раст на реалниот БДП меѓу источните земји-членки кои се приклучија на блокот од 2004 година, при што БДП на земјата се удвои меѓу 2004 и 2022 година.

Анализата е објавена на 17- ти април во „Notes from Poland“

Најново

Последни колумни