Пред пресметката меѓу Соединетите Американски Држави и Босна и Херцеговина во шеснаесетфиналето на Светско првенство во фудбал 2026, селекторот Маурисио Покетино порача дека неговата селекција го доживува овој натпревар како финале.
„За нас ова е финале на Светското првенство. Немаме втора шанса ако згрешиме. Одиме на сè или ништо и верувам дека сме способни да продолжиме понатаму“, изјави Покетино на прес-конференцијата.
На почетокот од обраќањето тој им се извини на новинарите за својата реакција по претходниот натпревар.
„На последната прес-конференција бев фрустриран и лут. Сакам да му се извинам на новинарот поради тоа што се случи. Одговорноста е моја“, рече селекторот.
Тој нагласи дека американските фудбалери се подготвени за предизвикот и дека атмосферата во тимот е позитивна.
„Играчите се опуштени и максимално подготвени. На тренинзите гледам напредок и сега треба да покажеме сè што работевме.“
Покетино ја пофали и репрезентацијата на Босна и Херцеговина, истакнувајќи дека станува збор за физички силен и добро организиран тим.
„Босна е компактна, цврста и одлично организирана репрезентација. Имаат многу добар селектор, а тоа го покажаа особено во баражот против Италија. Ги почитуваме и знаеме дека мора да одиграме на највисоко ниво ако сакаме да победиме.“
Посебно го издвои и капитенот Един Џеко.
„Џеко е голем играч, но Босна има и други квалитетни фудбалери. Свесни сме за нивните доблести, но и за слабостите што ќе се обидеме да ги искористиме.“
Зборувајќи за можноста натпреварот да се решава со пенали, Покетино потврди дека неговата репрезентација се подготвува и за такво сценарио.
„Пеналите се дел од фудбалот. Работиме и на тоа, за играчите да бидат психолошки подготвени ако дојде до таков расплет.“
Иако многумина ја сметаат американската селекција за фаворит, Покетино не сака да ја прифати таа улога.
„По ова Светско првенство научивме дека нема лесни натпревари. Германија и Холандија важеа за фаворити, па беа елиминирани. За фаворити треба да се зборува по натпреварот, а не пред него.“
Натпреварот меѓу САД и Босна и Херцеговина се игра во ноќта меѓу среда и четврток, со почеток во 2:00 часот по средноевропско време. Победникот ќе обезбеди пласман во осминафиналето на Мундијалот.