Со традиционалното палење на фестивалскиот оган и читањето на „Т’га за југ“ од браќата Миладиновци, синоќа во Струга свечено беа отворени 65. Струшки вечери на поезијата – една од најзначајните книжевни манифестации во Европа и светот.
Годинашното издание започна со силни пораки за улогата на поезијата, јазикот и културата во време на технолошки промени и глобални предизвици.
Директорот на фестивалот, Никола Кукунеш, предупреди дека малите јазици денес се соочуваат со сериозни закани од доминацијата на големите јазици и новите технологии.
„Со исчезнувањето на еден мал јазик не се губат само зборови. Исчезнува уникатен поглед кон светот, специфична емоција, начин на размислување и културна меморија што не може да се преведе или замени“, истакна Кукунеш.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која порача дека поезијата и понатаму останува сила што може да го менува светот.
„Поезијата сè уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот, и покрај наездата на алгоритмите и суровата вештачка интелигенција. Уметноста е буревесник, а книжевноста останува и естетски и општествен бунт“, рече таа.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков оцени дека Струшките вечери на поезијата се една од најуспешните културни приказни на современа Европа.
Особено внимание годинава е посветено на лауреатката на фестивалот, холандската поетеса Anneke Brassinga, чие творештво ги истражува границите меѓу видливото и невидливото, секојдневното и мистичното.
Отворањето се совпадна и со одбележувањето на 165 години од објавувањето на „Зборникот“ на браќата Миладиновци – едно од најзначајните дела на македонската преродба.
Годинашните Струшки вечери на поезијата се одржуваат под мотото „Каде што живее поезијата“, а во Струга ќе гостуваат околу 70 поети, преведувачи, критичари и литературни дејци од повеќе земји, меѓу кои Обединетото Кралство, Турција, Грција, Шпанија, Кина, Италија, Монголија и Мексико.
Во градот на поезијата, и ова лето стиховите повторно ќе бидат јазикот што ги поврзува различните култури, генерации и погледи кон светот.