Поезијата седна на клупа: Битола доби 10 обновени места за читање и инспирација

Во Битола, поезијата сега може да се сретне и на едно сосема неочекувано место — на клупата на која секојдневно седнуваме и разговараме

Во Битола, 10 клупи во парковите околу Саат Кулата се обновени и претворени во мали точки каде граѓаните можат да застанат, да одморат и да прочитаат стих.

Иницијативата „Градот чита поезија“ ја реализираше Младинскиот културен центар – Битола, во рамки на Програмата за младинско лидерство Global Learning, а во неа активно учествуваа млади волонтери.

Во текот на тридневната акција, од 25 до 27 август, волонтерите работеа на чистење, подготовка и бојадисување на клупите. На обновените места се поставени информативни таблички со стихови од избрани автори, како и QR-кодови преку кои посетителите можат да дознаат повеќе за поетите и нивното творештво.

Идејата е културата и поезијата да станат дел од секојдневието и да ги сретнуваат луѓето таму каде што тие навистина се — во парковите, на улиците и во јавниот простор.

Така, обичните градски клупи добиваат нова функција. Тие не се само место за одмор, туку и простор за читање, откривање и инспирација.

„Градот чита поезија“ носи и поширока порака за улогата на младите во заедницата. Со својот труд и ангажман, волонтерите покажаа дека и малите интервенции во јавниот простор можат да остават трајна промена и да создадат нов начин на поврзување меѓу луѓето, културата и градот.

Во Битола, поезијата сега може да се сретне и на едно сосема неочекувано место — на клупата на која секојдневно седнуваме, разговараме или само накратко застануваме да одмориме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс