Триесет и осмото издание на меѓународниот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ започна синоќа со настап на Иван Христов на кавал и Петар Чухов на гитара. Програмата отвори простор за поетскиот портрет на македонскиот автор Јовица Ивановски, по што следеше меѓународното поетско читање „Имаго“. На сцената во охридското село настапија автори од Ирска, Хрватска, Бугарија, Романија, Црна Гора и Србија, а вечерта беше заокружена со ликовната изложба „Флора“ на академската сликарка Ивана Настоски.
Фестивалската програма денеска продолжува во селото Слоештица, во просторот на „Арт поинт – гумно“.
Таму публиката ќе проследи поетско матине, како и проекција на документарниот филм „Крајолици на човештината“ на чешката авторка Јана Хунтерова. Ова остварување неодамна ја освои наградата „Златна потковица“ на 21. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
Вечерната програма се сели во охридскиот Лапидариум од 20:00 часот. Терминот е резервиран за настанот „Диптих #7“, каде ќе се промовираат две поетски книги во издание на „ПНВ Публикации“: „Република на тишината“ (избор песни од Павле Горановиќ) и „Собирачи на коски“ (избор песни од Томица Бајсиќ). Двете дела се во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, а разговорот ќе го води Јулијана Величковска.
Од 21:00 часот започнува меѓународното читање „Мозаик“. Свои стихови ќе читаат Моли Туми од Ирска, Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска, Иван Христов од Бугарија и Анисија Ангел од Романија. Домашната поетска сцена ќе ја претстават Диме Ратајкоски, Тони Попов, Вероника Димоска, Викторија Ангеловска и Андреј Медиќ Лазаревски.
Овогодишното издание на фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална банка.