Се подобрува ситуацијата со градскиот водовод во Гоствар, но водата се уште не е за пиење

Лабораториските анализи покажуваат подобрување, но Кризниот штаб продолжува со дистрибуција на вода до официјалната потврда.

Водата од градскиот водовод во Гостивар и понатаму не е безбедна за консумирање, иако последните лабораториски анализи покажуваат значајно подобрување на физичко-хемиските и биолошките параметри. Од Локалниот кризен штаб потврдуваат дека граѓаните сè уште мора да ја почитуваат забраната за пиење, додека надлежните здравствени установи не ги објават финалните официјални резултати.

Поради забраната за пиење, Локалниот кризен штаб организираше теренска поддршка за жителите. Со техничка вода се снабдуваат четири населени места: селата Дебреш и Беловиште, како и населбите Фаснери и Тулана. Покрај тоа, обезбедена е редовна испорака и за одделението за дијализа во гостиварската болница.

Дистрибуцијата на вода за пиење се одвива преку пет одредени пункта во градот. Дел од водата е набавена од Владата, но има и од приватни компании, бизнис-секторот и хуманитарни организации.

Зуди Џелили од Локалниот кризен штаб информираше дека нивото на хлор и биолошките параметри во водоводната мрежа се подобруваат. Очекувањата се дека во наредните денови водата од системот за снабдување повторно ќе биде безбедна за употреба.

„Ги очекуваме последните резултати кои се добри, како во однос на количината на хлор, така и во однос на биолошките резултати. Очекуваме во наредните денови водата да биде за пиење од водоводот Гостивар“, изјави Џелили. Дотогаш, препораката за користење исклучиво на замена за питка вода останува во сила.

Присуството на бактеријата Pseudomonas aeruginosa во водоводни мрежи бара специфичен и агресивен третман за нејзино целосно отстранување, бидејќи овој патоген создава отпорен биофилм во внатрешноста на цевките. Елиминацијата обично се изведува преку шок-хлорирање со високи концентрации на слободен хлор, системско исплакнување на сите гранки од мрежата и третман со хлор диоксид или ултравиолетова дезинфекција. Дополнително, неопходно е континуирано одржување на повисоко ниво на заостанат хлор додека лабораториските анализи не покажат три последователни негативни мостри во рок од 72 часа.

Претходните искуства од други водоводни системи во регионот и Европа покажуваат дека борбата со оваа бактерија бара време и строга контрола. Слични случаи на контаминација во општински системи во Србија и Хрватска бараа целосно исплакнување на цевководот и замена на критичните филтри пред водата повторно да биде прогласена за питка. Метод на шок-дезинфекција во комбинација со механичко чистење на резервоарите се покажа како единствен ефикасен пристап за трајно спречување на повторното формирање на бактерискиот биофилм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс