Во центарот на Белград се поставени заштитни огради, а полициското присуство е засилено во близина на Републичката изборна комисија (РИК), јавува агенцијата Фонет. Дел од сообраќајот е затворен на потегот од раскрсницата кај Лондон кон Теразие, а огради се поставени и на Теразие. Затворен е и правецот од Теразие кон улицата „Крал Милан“.
Поради измените, променети се и трасите на јавниот превоз на делницата од Славија кон Теразие. Возач на автобусот на линијата 31 ги информирал патниците дека мора да вози по изменета траса поради изборите.
Седиштето на Републичката изборна комисија се наоѓа на улицата „Крал Милан“ број 14, меѓу Теразие и Лондон.
Дел од избирачките места се отвориле со задоцнување
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, изјави дека избирачките места за денешните вонредни парламентарни избори главно биле отворени навреме, во 7 часот, но дека на некои места имало мало задоцнување поради подготовките на избирачките одбори и интересот на гласачите.
Тој ги повика граѓаните и членовите на избирачките одбори да покажат разбирање и трпение, потсетувајќи дека гласањето ќе трае до 20 часот. Според податоците што ги соопшти РИК, право на глас имаат 6.451.292 избирачи, кои можат да гласаат на 8.392 избирачки места. На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи.
Димитријевиќ ги повика членовите на избирачките одбори да го одржуваат редот во текот на целиот изборен ден и да постапуваат во согласност со законот и упатствата на РИК.
