Перименопаузата е природен дел од животот на жените, но и период кој често доаѓа со промени, несигурност и недоволно разбирање. Со цел жените да добијат навремена, точна и квалитетна поддршка, започна серија обуки за здравствени работници посветени на препознавање и третирање на симптомите на перименопауза.
Обуките се реализираат врз основа на Водичот за перименопауза, развиен во соработка меѓу ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари. Фокусот е ставен на матичните лекари и гинеколозите, како здравствени работници на кои жените најчесто први им се обраќаат.
Во првата серија обуки досега се обучени повеќе од 40 здравствени работници. Целта е тие навремено да ги препознаваат симптомите, да ја разберат состојбата и да обезбедат соодветна поддршка за жените во овој важен животен период.
Перименопаузата може да трае и до 10 години, а кај многу жени носи промени како топли бранови, нарушен сон, анксиозност и промени во расположението. Според Светската здравствена организација, повеќе од 70 проценти од жените искусуваат вакви симптоми, но и покрај тоа, за перименопаузата сè уште ретко се зборува јавно и отворено.
Од ХЕРА посочуваат дека во време кога дезинформациите за женското здравје се лесно достапни, особено на интернет, потребата од точни, проверени и разбирливи информации е поголема од кога било. Во земјава сè уште недостигаат систематски податоци за перименопаузата, поради што ваквите иницијативи имаат дополнително значење.
Водичот е подготвен од тим експерти од повеќе области, гинекологија, ендокринологија, психијатрија и примарна здравствена заштита, со цел да понуди практични и применливи решенија. Пораката на иницијативата е дека перименопаузата не е болест, туку дел од животот, но секоја жена заслужува низ овој период да помине со достоинство, грижа, поддршка и разбирање.
Обуките се реализираат во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“.