Канадските истражители посочуваат на сериозни пропусти во дизајнот, тестирањето и безбедносната култура на „Оушнгејт“, компанијата што ги организираше нуркањата до остатоците од „Титаник“.
Новиот извештај на канадските власти за безбедност во транспортот открива серија пропусти што довеле до имплозијата на подморницата „Титан“, која во јуни 2023 година исчезна за време на нуркање кон остатоците од „Титаник“. Во несреќата загинаа сите пет лица што се наоѓаа во подморницата.
„Титан“, подморница долга 6,7 метри и изработена од карбонски влакна, тргнала кон остатоците од „Титаник“ во Атлантскиот Океан, но комуникацијата била изгубена помалку од два часа по почетокот на нуркањето. Нејзиното исчезнување предизвика меѓународна потрага, а остатоците беа пронајдени неколку дена подоцна, со што беше потврдено дека дошло до катастрофална имплозија.
Во подморницата беа британскиот истражувач и пилот Хамиш Хардинг, британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман, францускиот експерт за длабокоморско нуркање Пол-Анри Наржоле и основачот на „Оушнгејт“, Стоктон Раш.
Според извештајот, „Оушнгејт“ не ги разбирал доволно ризиците поврзани со користење речиси нетестирана подморница од карбонски влакна за нуркања на големи длабочини. Истражителите наведуваат дека не постоел преседан за ваков тип подморница со човечки екипаж да оди во длабок океан, а компанијата и внатрешно и јавно признавала дека операциите носат ризик.
Клучен проблем бил трупот на „Титан“. Компанијата изработила два помали модели за тестирање на реакцијата на притисок, но двата откажале на длабочини поголеми од онаа на која се наоѓа „Титаник“. И покрај тоа, „Оушнгејт“ го изменила дизајнот и продолжила со проектот, без целосно да утврди како трупот ќе реагира при повторено изложување на екстремен притисок.
Во извештајот се наведува дека стандардната инженерска практика би барала модел во целосна големина да биде изложен на многу поголем број циклуси на тестирање, можеби стотици или илјадници. Наместо тоа, конечната подморница била тестирана релативно малку, па не било познато колку пати трупот може безбедно да издржи нуркање на големи длабочини.
Истражителите утврдиле дека структурата на „Титан“ постепено слабеела. Секое изложување на огромен притисок можело да создаде мали оштетувања во материјалот, кои со текот на времето се акумулирале. Иако подморницата претходно успешно извршила 13 нуркања, слабостите во трупот постепено се зголемувале.
Во извештајот се наведуваат и ситуации во кои „Титан“ можел дополнително да биде оштетен, меѓу кои судир со остатоците од „Титаник“ во 2022 година и силен удар при излегување на површина неколку дена подоцна. Подморницата речиси една година била оставена на отворено и изложена на временски услови.
Акутстичниот систем за следење, кој требало да ја предупреди посадата на можен структурен проблем, не бил тестираn на начин што би потврдил дека може навреме и доследно да даде предупредување. Според истражителите, системот не функционирал како што било предвидено.
Покрај техничките проблеми, извештајот посочува и на сериозни проблеми во културата на одлучување во „Оушнгејт“. Истражителите наведуваат „групно размислување“, притисок кон единствен став и преценување на сопствените способности како фактори што влијаеле врз управувањето со ризикот.
Во извештајот се наведува дека дел од вработените со релевантна стручност ја напуштиле компанијата или биле отпуштени откако изразиле загриженост за безбедноста или имале различни ставови од раководството. Истражителите оценуваат дека ова придонело предупредувањата да не бидат доволно сериозно разгледани.
Друг голем проблем бил недостигот од надворешен надзор. „Титан“ не бил сертифициран според стандардни процедури, а немало ниту доволна контрола од регулаторите во земјите во кои „Оушнгејт“ работел. Канадските власти наведуваат дека често немале клучни информации за подморницата и нејзините ризици.
Канадскиот Одбор за безбедност во транспортот предупреди дека без посилен регулаторен надзор постои ризик слични пловила и екипажи да продолжат да работат без минимални безбедносни гаранции. Одборот издаде и препораки со цел да се спречат слични трагедии во иднина.
Несреќата со „Титан“ стана симбол на опасностите од технолошки експериментализам без доволно тестирање и независна контрола. Извештајот покажува дека трагедијата не била резултат на еден единствен дефект, туку на комбинација од ризичен дизајн, недоволни тестови, игнорирани предупредувања и слаб регулаторен надзор.