Шеснаесетгодишно момче од селото Кондово почина на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, откако претходно колабирало за време на посета кај роднини во Сингелиќ. Случајот бил пријавен во полиција од страна на Клиничкиот центар, каде малолетникот бил донесен во бессознание.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 16-годишното момче заедно со својата мајка било на гости кај роднини во Сингелиќ. Во еден момент на тинејџерот му се слошило и ненадејно паднал во бессознание.
Малолетникот итно бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Лекарите се обиделе да го спасат, но за кратко време била констатирана смрт. Случајот бил пријавен во полиција на 25 јули во 16:22 часот од страна на Клиничкиот центар.
При првичниот преглед, лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција за да се утврдат точните причини за трагичниот настан.