Почина актерот Ар Џеј Мит, синот на Волтер Вајт од култната „Брејкинг бед“

Американскиот актер кој се прослави со улогата на Волтер Џуниор и беше гласен активист за правата на лицата со попреченост, почина на 34 години.
Фото: Gage Skidmore, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Американскиот актер Ар Џеј Мит, најпознат по улогата на Волтер Вајт Џуниор во култната телевизиска драма „Брејкинг бед“ (Breaking Bad), почина на 34-годишна возраст, соопшти неговиот претставник за медиумите. Веста ја потврди неговиот тим преку официјално соопштение, истакнувајќи ја неговата уметничка патека и долгогодишна посветеност на борбата за еднаквост на лицата со попреченост. Причината за смртта засега не е официјално соопштена.

Мит играше во сите пет сезони од серијата на телевизиската мрежа Еј-Ем-Си (AMC). Го толкуваше ликот на синот на главниот протагонист Волтер Вајт, кого го глумеше Брајан Кренстон. Како и неговиот лик во серијата, Мит живееше со церебрална парализа. Ова лично искуство го преточи во јавна мисија за разбивање на стереотипите во холивудската индустрија и за подобра застапеност на луѓето со невролошки нарушувања на екранот.

„Со длабока тага известуваме за трагичната смрт на саканиот актер, филантроп и страстен борец за правата на луѓето со попреченост“, се наведува во соопштението што го пренесоа американските медиуми.

Покрај ангажманот во „Брејкинг бед“, Мит оствари улоги и во сериите и филмовите како „Switched at Birth“, „The Guardians of Justice“ и „The Oak Room“. Раководеше и со сопствената фондација „Мит“, посветена на поддршка на младите со телесна попреченост.

Претходно овој месец, Мит гостуваше во поткастот на Џо Вулпис каде се осврна на своите глумечки почетоци и процесот на аудиција за улогата што му донесе светска слава.

„Тоа беше една од најдолгите аудиции во мојот живот“, рече Мит при гостувањето, опишувајќи го влезот во телевизискиот проект што подоцна стана глобален феномен.

На приватен план, актерот неодамна ја запроси својата партнерка Кенеди Суарез, со која беше во петгодишна врска. Тогаш за магазинот „Пипл“ (People) изјави дека таа му значи сè и дека едвај чека да го започнат заедничкиот семеен живот.


Надлежните органи сè уште ги чекаат резултатите од официјалната обдукција, јави новинската агенција Асошиејтед прес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс