Со температури близу 40 степени и УВ индекс 8, денеска започнаа уписите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Иако пријавувањето се врши и електронски, идните студенти и годинава мораат лично да ги достават хартиените документи на факултетските шалтери. Резултатот се долги редици и чекање, а условите не беа исти за сите.
На некои факултети студентите чекаа во климатизирани простории, додека други беа изложени на директно сонце.
На УКИМ има 8.851 место
На 23 факултети на УКИМ годинава се предвидени вкупно 8.851 место за упис. Најголем број студенти, односно 950, ќе прими Медицинскиот факултет, каде што денеска имало и едни од најголемите гужви. Дел од идните бруцоши реагираа поради долгото чекање на високи температури и побараа процесот целосно да се дигитализира.
Гужви имаше и на ФИНКИ, кој годинава отвора места за 500 студенти. Таму, сепак, идните бруцоши чекале во климатизирани амфитеатри. Од факултетот посочуваат дека за целосна дигитализација на уписите е неопходно и свидетелствата од средното образование да бидат достапни во електронска форма.
На Правен повторно се чека
Долги редици имаше и на Правниот факултет, каде што на дел од кандидатите им било потребно значително трпение за да стигнат до шалтерите.Порелаксирана била ситуацијата на техничкиот кампус на УКИМ.
Каде се намалени квотите?
Оваа година квотите за упис на универзитетите во земјата се намалени за околу 2.000 места. Најголемо намалување има кај студиските програми поврзани со бизнисот, администрацијата и правото, поради податоците за повисока невработеност кај дел од дипломираните кадри.
Кај техничките науки, информатиката, машинството и градежништвото квотите се задржани на речиси исто ниво. Причината е високата вработливост на дипломираните студенти од овие области, која, според податоците презентирани при креирањето на уписните квоти, достигнува 98 до 99 проценти.
И покрај електронското пријавување, првиот ден од уписите покажа дека целосно дигиталниот процес на УКИМ сè уште е далеку од реалноста.