Шпанските власти прават значајна промена во правилата на патиштата, со цел велосипедистите да бидат побезбедни во сообраќајот. Новата регулатива, која беше усвоена во јуни, од 1 октомври 2026 година носи низа обврски за возачите, но и за самите велосипедисти.
Една од најзначајните промени се однесува на престигнувањето велосипедисти на патиштата надвор од населените места.
Кога возач ќе престигнува велосипедист, ќе мора да ја намали брзината за најмалку 20 километри на час под дозволената максимална брзина на патот. На пример, ако на одредена делница ограничувањето е 90 км/ч, возачот при престигнувањето ќе треба да ја намали брзината најмалку до 70 км/ч.
Правилото не застанува тука.
На патишта со повеќе од една лента во секоја насока, возачот кој престигнува велосипедист ќе мора целосно да премине во соседната лента, наместо само да остави странично растојание од 1,5 метар.
Целта е да се намали ризикот од судир и да се создаде поголема физичка дистанца меѓу автомобилите и велосипедистите.
Велосипедистите во градовите добиваат ново правило
Промени има и во урбаните средини.
Според новите правила, велосипедистите по правило ќе можат да се движат по средината на сообраќајната лента, наместо да бидат принудени да се држат до крајниот раб. Шпанските власти сметаат дека ова овозможува велосипедистот да биде повидлив и да се намали ризикот од опасно престигнување.
Дополнително, возачите на моторни возила ќе мора да одржуваат минимално растојание од пет метри од велосипедистот кој се движи пред нив во истата лента.
Каската станува задолжителна без досегашните исклучоци
Уште една важна промена се однесува на заштитната кацига.
Од 1 октомври се укинуваат досегашните исклучоци и велосипедистите ќе мора да носат кацига на меѓуградските патишта.
За професионалците кои работат како доставувачи со велосипед правилата се уште построги: тие ќе мора да користат кацига и рефлектирачки елек во текот на целото работно време, без оглед на видот на патот. Непочитувањето на овие правила се третира како сериозен прекршок и може да биде казнето со 200 евра.
Шпанија за првпат посебно ги дефинира „ранливите учесници“
Новата регулатива носи и поширока промена во пристапот кон сообраќајната безбедност.
За првпат во шпанскиот Правилник за сообраќај се воведува посебна категорија на „ранливи учесници во сообраќајот“, во која се опфатени пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и корисниците на возила за лична мобилност.
Шпанската Генерална дирекција за сообраќај (DGT) на 24 септември организираше посебна средба со градските мрежи и организации на овие учесници токму за да ги претстави новите правила, само една недела пред нивното стапување во сила.
Не се менуваат само правилата за велосипеди
Реформата опфаќа и електрични тротинети и мотоцикли.
За електричните тротинети се воведува минимална возраст од 15 години, задолжителна кацига и рефлектирачки елек во текот на ноќта или при намалена видливост.
За мотоциклистите, пак, стануваат задолжителни заштитни ракавици на меѓуградските патишта и затворени обувки на сите видови патишта.
Шпанската реформа практично го менува начинот на кој се гледа на велосипедистите во сообраќајот – од учесници кои мора да се приспособат на автомобилите, кон категорија која добива посебна правна заштита како ранлив учесник.
Новите правила се дел од поширока реформа на шпанскиот Правилник за општ сообраќај, објавена во Службениот весник на 26 јуни, а најголемиот дел од измените стапуваат во сила на 1 октомври 2026 година.