Охридските плажи функционираат надвор од правилата, без почитување на препораките на УНЕСКО и без активни договори за закуп. Граѓанската еколошка организација „О2 Иницијатива“ алармира за узурпација на брегот. Додека локалните власти тврдат дека немаат издадено концесии, теренот покажува узурпиран простор со лежалки и бетонски градби. Ваквата состојба отвора сериозни прашања за заштитата на Охридското Езеро, кое е дел од заштитеното светско природно и културно наследство.
Од еколошката организација „О2 Иницијатива“ реагираат дека просторот на плажите крај Охридското Езеро се узурпира без регулација. По нивното барање за информации од јавен карактер, од Општина Охрид добиле официјален одговор во кој се наведува дека локалната самоуправа нема склучено договори за закуп ниту издадено плажи под концесија. Во пракса, сепак, плажите Канео и Потпеш се целосно исполнети со лежалки, бетонирани ѕидчиња и друга опрема.

„Општината нема склучено договори за закуп и нема издадено плажи на концесии, а лежалки ги окупираат плажите! Дива лига!“, посочуваат од еколошката организација.
Стандардите за заштита предвидуваат најмалку 50 проценти од просторот на плажите да биде слободен за граѓаните, без поставени лежалки и урбана опрема. На охридското крајбрежје ова правило не се применува.
Активистите посочуваат дека изостануваат соодветни проверки од страна на надлежните инспекциски служби и реакција од локалната власт. Според нив, занемарувањето на правилата го загрозува статусот на Охридскиот Регион, кој е меѓу ретките подрачја во светот заштитени од УНЕСКО и за природното и за културното наследство.
За разлика од домашната состојба, европските земји применуваат прецизни закони за користење на крајбрежниот појас. Во Португалија, 70 проценти од плажата мора да останат слободни за јавна употреба, а 50 проценти од должината на брегот мора да се без опрема. Во Грција, задолжително се оставаат слободни од 50 до 70 проценти во подрачјата од мрежата Натура, со обврска за слободен појас од 4 метри од линијата на водата. Дополнително, во Грција е забрането изнајмување на плажи потесни од 4 метри или со површина помала од 150 квадратни метри.