Платежната недисциплина останува еден од најголемите предизвици за европските компании и финансискиот сектор, покажува најновата студија „Европски платежни практики 2025“ на EOS Group, спроведена меѓу 2.200 финансиски менаџери од 11 европски земји.
Според резултатите, од околу 18 милијарди фактури што годишно се издаваат во Европа, секоја четврта се плаќа со задоцнување или воопшто не се наплатува. Од нив, 19 проценти се подмируваат по истекот на рокот, додека 5 проценти остануваат целосно ненаплатени.
Истражувањето покажува дека слабата платежна дисциплина создава сè поголем притисок врз ликвидноста на компаниите, ги ограничува инвестициите и ја зголемува потребата од поефикасно управување со побарувањата. Само околу една третина од компаниите користат надворешни сервис-провајдери за оваа намена.
Причините за доцнењето се разликуваат кај приватните и деловните клиенти. Кај физичките лица најчести причини се краткорочните финансиски потешкотии, кои ги посочиле 54 проценти од компаниите, како и заборавањето на обврските кај 51 процент од случаите.
Кај деловните субјекти, 61 процент од компаниите наведуваат дека нивните клиенти доцнат поради проблеми со наплата од сопствени должници. Дополнително, 57 проценти сметаат дека компаниите свесно ги користат максималните кредитни рокови, додека 48 проценти ги посочуваат бавните и недигитализирани процеси како значаен фактор за доцнењата.
Студијата покажува дека дигитализацијата станува сè поважна за подобрување на ефикасноста. Сепак, само 12 проценти од европските компании имаат целосно дигитализирани процеси за управување со побарувањата, додека голем дел сè уште работат со делумно дигитализирани или рачни системи.
Од EOS Group посочуваат дека иднината на управувањето со побарувањата ќе биде тесно поврзана со автоматизацијата и примената на вештачката интелигенција.
„Трендовите што ги покажува студијата јасно потврдуваат дека дигитализацијата и професионалното управување со побарувања стануваат неопходност за компаниите. Брзината, транспарентноста и флексибилноста во комуникацијата со клиентите се исклучително важни и токму затоа EOS Матрих Македонија континуирано инвестира во дигитални решенија и современи алатки кои овозможуваат поефикасно управување со обврските и поголема финансиска предвидливост“, изјави Катерина Бошевска, главен извршен директор на EOS Матрих за Македонија и Косово.
Како дел од меѓународната EOS групација, EOS Матрих Македонија има активна улога во развојот на современи практики за управување со побарувања на домашниот пазар.
Истражувањето покажува и дека европските компании сè почесто ги скратуваат роковите за плаќање за да ја заштитат својата ликвидност. Секоја петта компанија очекува платежната дисциплина дополнително да се влоши во следните две години.
Последиците веќе се чувствуваат низ европската економија. Речиси половина од компаниите пријавуваат намален профит како директна последица од неплатените фактури, додека многу од нив се соочуваат со повисоки трошоци за финансирање и одложување на планираните инвестиции.