Search

Пирсинг – моден стил и алатка за сексуално задоволство

„Обично клиентите ми се млади луѓе, евентуално по некој на средна возраст. До пред извесно време папокот беше најатрактивен дел од телото на кој младите се одлучуваа да се пирсаат, но сега некако доминира носот. Услугата низ текот на годините стигна до ниска цена која е достапна за секого“- го пренесува искуството Мики Петроски за Трн.

Пирсингот на различните делови на телото е античка практика во многу култури, додека во модерно време тоа се актуелизира на западот со контракултурните движења во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Денес, пирсингот е широко распространет и прифатен во општеството, а политичкото наследство и значење што го имал веќе и не постои.

Носењето пирсинг на телото е прифатена практика во западниот свет и веќе го загуби симболизмот што го имаше кога се појави. Во денешно време оваа практика е се почеста. Меѓутоа, на некои места оваа практика ја задржува својата стигма. Во Северна Кореја, тоа е забрането како симбол на капиталистичкиот начин на живот, слично како тесни фармерки. Во Иран, пирсингот на телото се казнува дури и со затвор, како што можат да потврдат жените кои биле уапсени од таканаречената полиција за морал.

Од древните Египет и Индија до хипиците во САД

Од западна перспектива, пирсингот може да се смета за релативно нова практика која беше популаризирана пред неколку децении од различни урбани групи. Но, тоа е всушност вековна културна практика на некои места, пишува „Ел Паис“. Во древниот Египет, пирсингот бил статусен симбол. Меѓу Ескимите во арктичките региони на Северна Америка, пирсингот служел како обред на премин од детството во зрелоста. Во Африка, пирсот на различни делови од телото е традиционална и широко распространета практика и кај мажите и кај жените; може да симболизира нова фаза од животот или едноставно да биде убав додаток. Исто како што е вообичаено во западните земји за девојчињата да ги прободат ушите при раѓањето, вообичаено е да се пробиваат носот на женските доенчиња во некои делови на Индија. Индискиот невестински чеиз вклучува и прстен за нос што се поврзува со косата со синџир како декоративен додаток.

Во западната култура пирсигот веќе не е табу тема и нема никаква стигма околу него, па различни пирсинзи, на различни делови од телото носат повеќето познати личности, но и обичните луѓе. Најчеста причина поради која луѓето во било која култура носта пирс е естетска, објавува „Certified Tattoo“. Тие се одличен начин за истакнување на одредени делови од телото и начин за самоизразување што на луѓето им ја зголемува самодовербата. Добар дел од луѓето ставаат пирс и за одбележување на некој значаен момент од нивниот живот, а неретки се и пирсинзите кои се користат за засилувањето на сексуалното искуство.

Во модерната западна култура пирсингот првично беше поврзан со со бунтовноста: тоа го правеа хипиците 1960-тите, панк движењето од 1970-тите и рејв културата на крајот на милениумот. Првото студио за пирсинг е отворено во Западен Холивуд, Калифорнија, во 1978 година од Џим Вард, кој некои го нарекуваат татко на модерниот пирсинг. Со текот на годините, политичкиот аспект на пирсингот беше ублажен, а денес неговиот декоративен квалитет ја засенува секоја симболика, пишува „Ел Паис“.

Пирсингот е доминатен кај жените

Пирсингот во денешницата е попопуларен кај жените од мажите според  „Statistic brain“ кои пишуваат дека од американците кои имаат барем еден пирсинг на телото, 72 отсто се жени. Најчесто место каде што жените ставаат пирс е папокот. Дури 33 отсто од Американките кои имаат пирс, имале пирс на папокот објавува „Urban Body Jewellery“. Потоа следуваат пирсовите на нос, ушната школка, јазик, брадавици, веѓи, усни и гениталија. Мажите, пак, најчесто ставаат пирсинг на брадавиците, по што следуваат веѓите, ушните школки, јазикот, носот, па усните.

Користењето на пирсинг за засилување на сексуалното задоволство прв пат се споменува во Кама Сутра. Денес се повеќе луѓе се одлучуваат за ваков пирсинг и тоа веќе не е табу тема, како што беше пред 20 или 30 години. Пирсингот ја зголемува сексуалната стимулација обезбедувајќи друга форма на триење за време на сексот кај мажите. Како што пишува во њузлетерот на „Џон Хопкинс“, заблуда е дека пирсингот на гениталиите е исклучително болен. Иако има висока концентрација на нервни завршетоци во пенисот, особено во главата, овие нерви се специјализирани да чувствуваат задоволство и не се толку приемчиви за болка.  Кај жените, пирсингот најчесто помага за дополнителна стимулација на клиторисот со што се засилува сексуалното задоволство.

Во Македоније е моден тренд, се преферира на нос

И кај нас, според статистиката на пирсинг мајсторите, доминираат жените според бројноста. Мики Петроски 20-тина години пирса девојки и момчиња и за Трн открива дека не само што се побројни, туку девојките се и похрабри. Многу почесто му се случува машките во последен момент да се откажат, а тој има чувство како тие да се плашат и затоа заминуваат од студиото.

Мики Петроски покрај пирсингот се занимава и со музика

„Обично клиентите ми се млади луѓе, евентуално по некој на средна возраст. До пред извесно време папокот беше најатрактивен дел од телото на кој младите се одлучуваа да се пирсаат, но сега некако доминира носот. Услугата низ текот на годините стигна до ниска цена која е достапна за секого“- го пренесува Мики искуството за Трн додека ни ги покажува материјалите кои ги користи, а тоа се титаниум и хируршки челик.

„Ги преферирам овие два материјала како најбезбедни и не ризикувам за да не загрозам нечие здравје. Инаку, ако клиентот има помалку од 18 години тогаш инсистирам да има дозвола од родителите за во иднина јас да не сум виновникот. Оние пак кои се полнолетни и ќе ми се доверат дека ќе го кријат пирсингот од семејството се обидувам да ги убедам да не се пирсаат затоа што кога – тогаш ќе ги откријат“- зборува Мики за коректниот однос кон муштериите и се присетува дека пирсингот низ овие две децении секогаш имал подеми и падови во однос на масовноста.

„Во моментов мислам дека е моден тренд, иако за многумина тоа е стана и лајфстајл, особено за оние кои имаат пирс со години, а со текот на времето ставиле уште по неколку. На крајот само ќе кажам дека пирсингот е безбеден ако го изведува лице што знае, но секако клиентите мора да внимаваат на негата се додека местото не им заздрави-“ заврши Мики со својата изјава додека во студиото го чекаа девојки кои со нетрпение очекуваа да стават пирсинг.

Најново

Последни колумни