Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, реагираше на ставот на Владата дека директорот Далибор Китановиќ треба самиот да се повлече доколку не се согласува со правно утврдениот факт дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид.
„Владата му остава простор за одлучување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците – да го повлече јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка?“, прашува Пировска.

Таа посочува дека случајот отвора и прашање за можната кривична одговорност на Китановиќ според членот 407-а од Кривичниот законик.
„Далибор Китановиќ треба да одговара според член 407-а од КЗ! Да биде апсурдот уште поголем, тој извршува функција на директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците“, напиша Пировска.
Членот 407-а се однесува на јавно негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства, вклучително и дела утврдени со правосилна пресуда на домашен или меѓународен суд. И Јавното обвинителство претходно има нагласено дека одобрувањето или оправдувањето на ваквите злосторства претставува кривично дело. Дали конкретната објава ги исполнува законските обележја треба да утврдат надлежните институции.
Китановиќ на Инстаграм објави композиција направена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан со Дража Михајловиќ и други личности, под натписот „Генерали на небеската војска“.
Ратко Младиќ е правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Владата чека Китановиќ самиот да си замине
Владата соопшти дека ставот на Китановиќ е личен и неприфатлив и дека ќе побара тој да ја повлече објавата. Доколку не се согласува со владините политики, од него очекуваат самиот да се повлече од функцијата.
Со тоа одлуката дали директорот ќе продолжи да раководи со институција задолжена за правата на заедниците засега останува во рацете на самиот директор. Владата не одговорила директно дали ќе го разреши, иако неговата објава ја оценила како спротивна на сопствениот став и на меѓународно утврдените правни факти