Пицула: Режимот на Вучиќ е извор на нестабилност

Режимот на Александар Вучиќ е главен извор на нестабилност во Србија и во целиот регион., порача Тонино Пицула

Известувачот на Европскиот парламент за Србија и поранешен министер за надворешни работи на Хрватска, Тонио Пицула, беше гостин на телевизијата Н1, каде што коментираше за политиката на Александар Вучиќ и надворешната политика на Европската Унија.

„Режимот на Александар Вучиќ е главен извор на нестабилност во Србија и во целиот регион. Внатрешните услови во Србија се влошуваат бидејќи режимот ја интензивира репресијата, внесувајќи исклучително лојални луѓе во медиумите, армијата и полицијата. Имаме шизофрена ситуација каде што Вучиќ бара пари од Европската Унија, а во исто време ја демонизира, а Брисел мора да го запре ова и да го промени и наративот и политиката на фаворизирање на Вучиќ“, нагласи Пицула.

Тој додаде дека може да изгледа дека притисокот на ЕУ врз режимот во Белград не е толку силен и постојан како што беше пред неколку месеци за време на протестите, но тој впечаток може да биде измамен.

„Ова е време кога неизвесноста во Србија ќе се зголемува како што се приближуваат изборите, за кои не знаеме кога и како ќе се одржат“, вели Пицула.

Тој истакнува дека ЕУ греши што има „неколку аршини за автократи и диктатори“, вклучувајќи го и Вучиќ.

„Во овој случај, зборуваме за земја која преговара за членство, не можеме да имаме неколку аршини за оние кои се автократи и диктатори. Подготвени сме да го осудиме Путин поради Украина, но сме поблаги кон Нетанјаху и Вучиќ“, рече Пицула и заклучи дека „патот на Србија кон ЕУ е исполнет со многу прашалници“.

„Европските вредности се сомнителни“

Тој се осврна и на надворешната политика на ЕУ, особено кон Израел и Бенјамин Нетанјаху.

„Политиката на ЕУ треба да биде заедничка кон прекршителите на меѓународното право, но ова не е од вчера кога станува збор за односот на Брисел со Израел. Сведоци сме на вистинската агонија на европската политика кога станува збор за осуда на она што го прави Нетанјаху“, нагласува Пицула.

Тој верува дека е залудно да се очекува осуда на агресивната политика на Израел и она што го прави во Газа, бидејќи земјите-членки имаат различни пристапи кон Израел.

На прашањето дали ова ги доведува во прашање таканаречените европски вредности, Пицула рече дека тие не треба да се отпишуваат, иако постојат ограничувања.

„ЕУ треба да се подготви за продолжување на трампизмот“

„Европските вредности не треба да се отпишуваат, тие дадоа одредени резултати во помагањето на некои земји, но постојат ограничувања во ширењето на европските вредности надвор од границите на Европа, но и во рамките на Унијата во земјите што се лизнаа кон автократски форми на владеење. Во рамките на ЕУ има јасни и гласни држави – Шпанија, Словенија и Ирска – кога станува збор за Израел, и тие се показател дека не сите во ЕУ размислуваат исто“, смета Пицула.

Конечно, тој предупреди дека ЕУ треба да биде порешителна и повнимателна во односите со Доналд Трамп бидејќи „овој вид опортунизам би можел скапо да ја чини“.

„Европската Унија мора да се подготви за фактот дека заминувањето на Доналд Трамп нема да значи заминување на трампизмот. Целиот свет е заложник на оваа војна, во која Трамп влезе со погрешни проценки. Тој е агент на глобалниот хаос, целосно неспособен да дејствува преку дипломатија. ЕУ мора да спроведе сериозна трансформација во својот однос со САД, за да не зависи од гласачите во нестабилните американски држави на секои четири години“, заклучи Пицула.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни