Поднаслов:
Актерот Петар Арсовски е годинашниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Признанието му го врачи претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова, на отворањето на годинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Димитрова истакна дека ДФРМ останува еден од темелите на македонската кинематографија, не само како професионално здружение, туку и како активен учесник во создавањето и промоцијата на македонскиот филм.
„Друштвото на филмски работници останува да биде темел на македонскиот филм и дел од неговото создавање и промоција“, рече Димитрова.
Таа посочи дека и отворањето и затворањето на фестивалот се поврзани со македонски филмови, чии режисери се членови на ДФРМ, а истакна и дека „Браќа Манаки“ овозможува македонските филмски работници да остваруваат непосредни средби и размена со кинематографери од целиот свет.
Димитрова се заблагодари и на Агенцијата за филм, Општина Битола и на сите институции и чинители кои придонесуваат македонските филмови да бидат создадени и реализирани.
За Арсовски, наградата има особено значење бидејќи доаѓа од неговите долгогодишни колеги.
„Ова е признание од луѓето со кои повеќе од 50 години ‘војувам’ пред филмската камера и сме поминале заедно и сито и решето“, рече Арсовски.
Тој им се заблагодари на ДФРМ и на сите филмски работници со кои, како што рече, повеќе од пет децении заедно ја создаваат македонската кинематографија.
„Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да создаваме македонска кинематографија“, додаде Арсовски.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ се доделува како признание за значаен придонес во македонската кинематографија.