„Горд сум што во македонската кинематографија се вложува и што таа е рамо до рамо со светската. Убаво е што се појавија нови деца кои собираат куп награди на меѓународни фестивали и уверен сум дека иднината на македонскиот филм е сигурна“, изјави актерот Петар Арсовски, годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Арсовски, кој е лауреат на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, на прес-конференцијата во Битола се потсети на своите први филмски ангажмани, но и на современата македонска филмска сцена. Првите филмски кадри ги снимил токму во Битола, во близина на селото Лавци, каде што дебитирал во филмот „Македонскиот дел од пеколот“.
„Моите први филмски кадри ги снимив тука во Битола, на ова поднебје во близина на селото Лавци каде дебитирав. Но, како тогаш така и сега мислам дека има ист ентузијазам во македонската кинематографија и во таа смисла, јас сум горд што во македонската кинематографија се вложува и е рамо со светската“, рече Арсовски.
Тој посочи дека особено го радува појавувањето на нова генерација филмски автори и актери кои постигнуваат успеси на меѓународната сцена.
„Убаво е што се појавија нови деца кои собираат куп награди на меѓународни фестивали и уверен сум дека иднината на македонскиот филм е сигурна, како и некогаш. Среќен сум и мирен сум дека и во иднина ќе се гледаат добри филмови“, додаде тој.
За Арсовски, наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е особено значајна, а самиот момент на нејзиното доделување го опиша како голема возбуда. „Браќа Манаки“ го оцени како сериозен фестивал, а долгoтрајниот аплауз што го добил по доделувањето на наградата, според него, бил неочекуван и емотивен момент.
„Тоа што ми се случи синоќа со долготрајниот аплауз за добиената награда, за мене беше голема возбуда и изненадување“, рече актерот.
Осврнувајќи се на својата актуелна работа, Арсовски откри дека во моментов нема нови понуди за филм, но дека не планира да се повлече од актерството. „Во моментов немам понуди за филмското платно, но не се повлекувам и не одбивам понуда. За мене големите и малите улоги се ист предизвик“, нагласи Арсовски.
Меѓу неговите понови ангажмани е и улогата во серијалот „Сенки над Балканот“.