Пет лица починаа од екстремните горештини во Италија за само 24 часа

Пет лица починаа од последиците на екстремните горештини во Италија во последните 24 часа. СЗО предупредува дека топлотниот бран веќе однел повеќе од 1.300 животи низ Европа.

Екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа продолжува да зема жртви. Во Италија, во последните 24 часа, пет лица починале од последиците на високите температури, соопштија здравствените власти.

Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, ги повика владите низ континентот итно да ги засилат превентивните мерки, предупредувајќи дека сегашниот топлотен бран е своевидна „генерална проба“ за уште поекстремни климатски услови во иднина.

„Одделенијата за итна помош низ Европа се преполни со пациенти, а службите за итна медицинска помош бележат рекорден број интервенции. Само во Италија, во последните 24 часа се регистрирани пет смртни случаи поврзани со жештините“, изјави Клуге.

Тој апелираше до европските власти дополнително да ги унапредат мерките за заштита на населението од последиците на екстремните температури. Според податоците на СЗО, повеќе од 1.300 луѓе починале како последица на топлотниот бран во Европа од 21 јуни наваму.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно предупреди дека топлотниот стрес често се нарекува „тивок убиец“, бидејќи домовите, училиштата и работните места во Европа не се проектирани за вакви екстремно високи температури.

Тој истакна дека поради климатските промени и глобалното затоплување, топлотните бранови кои некогаш се случувале „еднаш во генерација“ денес се повторуваат речиси секоја година. Според СЗО, Европа е континентот што се загрева најбрзо во светот – со темпо двојно поголемо од глобалниот просек. Во моментов, околу 150 милиони луѓе живеат во услови на екстремни горештини, додека високите температури предизвикуваат затворање на училишта, преоптоварување на електроенергетските системи и сè поголем број здравствени итни случаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс