2,4 милиони авганистански девојчиња и натаму немаат право да учат

Авганистан останува единствената земја во светот каде што на девојчињата и жените официјално им е забрането средно и високо образование. За пет години, ограничувањата на Талибанците избришаа голем дел од напредокот постигнат во претходните две децении.

Пет години по враќањето на Талибанците на власт, околу 2,4 милиони девојчиња во Авганистан и натаму немаат пристап до средно образование. Обединетите нации повторно повикаа на итно и безусловно укинување на забраната, а УНЕСКО предупредува дека Авганистан е единствената земја во светот каде што девојчињата и жените официјално се исклучени од средното и високото образование.

„Пет години не се само привремен прекин на образованието. За едно дете тоа е речиси целото средно образование“, порача Хода Џабериан, координаторка на УНЕСКО за образование во кризни ситуации.

Од речиси милион ученички – до забрането образование

Талибанците ја презедоа власта на 15 август 2021 година, во периодот на повлекување на американските и НАТО-силите по две децении војна. Набрзо потоа беше воведена забрана за девојчињата да посетуваат средно училиште. Ограничувањата подоцна беа проширени и на универзитетското образование, вработувањето и голем број други аспекти од јавниот живот.

Последиците се драматични. Според УНЕСКО, во 2001 година пристапот на девојчињата до образование бил исклучително ограничен. До 2021 година, пак, речиси еден милион девојчиња биле запишани во средните училишта.

„Авганистан постигна огромен напредок во проширувањето на пристапот до образование за девојчињата. За жал, голем дел од тој напредок сега е избришан“, предупреди Џабериан.

Единствена земја со ваква забрана

УНЕСКО нагласува дека Авганистан е единствениот пример во светот каде што девојчињата и жените се официјално спречени да продолжат со средно и високо образование.

Агенцијата на ОН оценува дека исклучувањето на жените и девојчињата од образовниот систем претставува сериозно кршење на нивните основни права. И покрај меѓународните повици, хуманитарните организации и неколку муслимански земји кои побараа укинување на забраните, талибанските власти досега не ги повлекоа ограничувањата.

Образование „под радар“

Додека забраните траат, УНЕСКО се обидува да обезбеди алтернативни начини за учење. Преку локални програми се организираат курсеви за описменување и стекнување практични вештини, често во домовите на предавачите или во простории во локалните заедници. На терен работат повеќе од 1.000 предавачи за описменување, од кои голем дел се обучени од УНЕСКО и неговите партнери.

„Сè додека ограничувањата се на сила, не смееме да ги напуштиме учениците во Авганистан“, порача Џабериан.

За девојчињата кои денес имаат 12, 13 или 14 години, меѓутоа, пет години без училиште не се само статистика. Тоа е периодот во кој требаше да учат, да стекнуваат знаење, да се подготвуваат за факултет и да го избираат својот иден живот. Наместо тоа, нивното образование е прекинато со одлука на властите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс