Пет пожари сè уште активни, еден е ставен под контрола

Во текот на утрото биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Според ЦУК, 25 се изгаснати, пет се активни, а еден е под контрола.

Пет пожари на отворен простор сè уште се активни низ Македонија, соопшти Центарот за управување со кризи. Состојбата е регистрирана до 7:30 часот утрово.

Мешана шума гори кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани, како и на кракот кон селото Палиград, во правец на Преслап во Општина Зелениково.

Во Општина Сарај, пожарот кај селото Копаница се шири кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума.

Активни пожари има и:

  • над селото Нежилово, кај месноста Сватови, каде што гори ниска вегетација и поединечни дрвја;
  • кај селото Копанце во Општина Јегуновце, каде што е зафатена мешана шума;
  • кај прилепското село Црнилиште, каде што гори ниска вегетација и шума.

Под контрола е пожарот што започна кај селото Трново во Општина Гостивар и се прошири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Од вкупно 31 регистриран пожар, 25 се изгаснати. Интервенции имало во општините Бутел, Сарај, Струмица, Василево, Охрид, Пласница, Македонски Брод, Прилеп, Крушево, Берово, Делчево, Штип, Брвеница, Тетово, Теарце и Гостивар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс