Пепко официјално пристигна во Македонија: Отворени првите продавници во Скопје, следуваат Охрид и Струга

Европскиот дисконтен ланец Pepco официјално влезе на македонскиот пазар со отворање на две продавници во Скопје. Компанијата најави понатамошно проширување со нови продажни места во Охрид и Струга.

Македонските потрошувачи од денеска имаат можност да пазарат во продавниците на Pepco, еден од најголемите европски дисконтни синџири за облека, производи за домот и детски производи. Компанијата официјално го означи своето влегување на македонскиот пазар со отворање на две продавници во Скопје – во „Капитол мол“ и во „Рамстор мол“.

На официјалното отворање присуствуваа претставници на менаџментот на компанијата, претставници на институциите, дипломати, медиуми и јавни личности. Меѓу гостите беа Хорхе Герваси, главен оперативен директор на Pepco за Јужна Централна и Источна Европа и Западна Европа, Богдан Григориу, регионален директор за операции, градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески и амбасадорот на Полска во земјава, Мариуш Бримора.

Од компанијата истакнаа дека Македонија станува 19-ти европски пазар на кој е присутен брендот, а воедно најавија и нова фаза на проширување. Според плановите, во наредниот период ќе бидат отворени продавници и во Охрид и Струга, со што Pepco ќе го прошири своето присуство и надвор од главниот град.

Раководството на компанијата нагласи дека нивната стратегија е насочена кон обезбедување квалитетни производи по пристапни цени за поширок круг потрошувачи. Асортиманот опфаќа производи за домаќинство, декоративни предмети, играчки, сезонски производи, како и облека за деца и возрасни.

„Pepco е изграден на едноставна идеја – да им понуди на семејствата производи за секојдневниот живот по цени што се достапни за сите. Благодарение на мрежата од повеќе од 4.000 продавници низ Европа, денеска месечно опслужуваме околу 36 милиони потрошувачи. Нашата цел е квалитетните производи да бидат достапни за секое домаќинство“, изјави Хорхе Герваси.

Компанијата верува дека влезот на македонскиот пазар ќе придонесе за поголема конкуренција во секторот на малопродажба, но и за отворање нови работни места. Воедно, Pepco најавува долгорочна посветеност на локалниот пазар и постепено проширување на својата продажна мрежа во повеќе градови низ државата.

Со своето пристигнување во Македонија, брендот дополнително го зајакнува своето присуство во регионот, каде веќе успешно работи во повеќе земји од Централна и Југоисточна Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс