Исплатата на пензиите во Македонија и натаму во голема мера зависи од финансиската поддршка од државниот буџет, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). Ревизорите констатираат дека и покрај зголемените приходи во текот на 2024 година, тие не се доволни за покривање на растечките расходи за пензии. Според извештајот, трансферите од државниот буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на значителна зависност од државната поддршка за редовна исплата на пензиите.
Дополнително, ревизијата открива дека ПИОМ не ги уплаќал навремено придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување. Во текот на 2024 и 2025 година уплатите доцнеле со месеци, а заклучно со 28 февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци. Вкупната неизмирена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува околу 136,4 милиони евра. Од Државниот завод за ревизија предупредуваат дека ваквата состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено платени придонеси, што создава дополнителен финансиски притисок врз здравствениот систем.
Извештајот нотира и низа административни и организациски слабости. Меѓу нив се нецелосна евиденција на движен и недвижен имот добиен преку стечајни постапки, неправилности при пописот на земјиште и побарувања, недоволни податоци за средствата собрани од акцизи, како и одредени пропусти во постапките за јавни набавки и издавање деловен простор под закуп. Ревизорите посочуваат дека иако дел од забелешките од претходните години се надминати, остануваат сериозни предизвици кои бараат итно постапување од надлежните институции. За утврдените слабости се дадени конкретни препораки, а институциите имаат законска обврска да преземат мерки за нивно отстранување.
Наодите отвораат прашања за долгорочната одржливост на пензискиот систем, особено во услови на континуиран раст на бројот на пензионери и зголемени финансиски обврски на Фондот.