Дресот на Пеле од финалето во 1958 продаден за 4,9 милиони долари

Дресот со број 10 што легендарниот бразилски фудбалер Пеле го носеше во финалето на Светското првенство во 1958 година е продаден за 4,9 милиони долари, соопшти денес аукциската куќа Сотбис.
Фото: Sotheby's

Пеле, кој почина во 2022 година, имаше 17 години кога постигна два гола во победата на Бразил над домаќинот Шведска со 5:2, на стадионот Расунда, и останува најмладиот играч кој некогаш постигнал гол во финале на Светско првенство.

Според Сотбис, дресот е втор најскап фудбалски дрес некогаш продаден. Дресот на Диего Марадона од натпреварот со „Божјата рака” беше продаден во 2022 година за 9,3 милиони долари, сè уште апсолутен рекорд. Претходно најскап предмет од колекцијата на Пеле беше колекционерска картичка од 1958 година, продадена минатиот месец за 976.000 долари.

Пеле, чие вистинско име е Едсон Арантис до Насименто, овој рачно изработен дрес му го подари по финалето на својот соиграч и цимер, Дида. Дресот со децении остана во сопственост на семејството на Дида, пред да биде сместен во бразилски музеј, а откупен на аукција во 2004 година за 105.600 долари.

Фото: Sotheby’s

Претставникот на Сотбис за спортска стратегија, Брендан Хокс, изјави дека резултатот е моќно сведоштво за траjното наследство на еден од најголемите фудбалери на сите времиња.

„Овој дрес не е само трајна потсетница на еден од најважните моменти во историјата на фудбалот, туку е директно поврзан со самиот момент кој го катапултира Пеле во глобална спортска икона”, изјави Хокс.

Според Сотбис, дресот бил ставен на аукција на 29 јуни, точно на 68-годишнина од победата на Бразил над Шведска, а за него биле поднесени 10 понуди од повеќе од петмина понудувачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс