Европа се наоѓа под удар на еден од најинтензивните топлотни бранови во последните години, а метеоролозите предупредуваат дека температурите во наредните денови би можеле да соборат бројни историски рекорди.
Станува збор за втор екстремен топлотен бран за само два месеци, при што голем дел од континентот се соочува со сериозни последици. Според актуелните податоци, предупредувања за екстремно високи температури се издадени во 23 европски држави, додека Германија, Франција, Шпанија, Швајцарија и Луксембург го активираа највисокото, црвено ниво на тревога.
Трагичните последици веќе се чувствуваат. Во Франција десетици лица ги загубија животите во последните денови, а властите пријавуваат голем број несреќи поврзани со високите температури. За да се заштитат учениците и наставниците, затворени се околу 1.800 училишта, а илјадници други работат со скратено работно време. Францускиот град Бордо забележа историски температурен рекорд. Термометрите покажаа 42 степени Целзиусови, што е највисока температура измерена во градот откако почнале официјалните мерења пред повеќе од еден век.
Екстремната жештина предизвикува проблеми и во Обединетото Кралство, каде голем број училишта во Англија и Велс воведуваат скратени часови или привремено ја прекинуваат наставата. Властите ги повикуваат граѓаните да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот. Шпанија е меѓу најпогодените земји. Речиси целата држава е под метеоролошки предупредувања, а во одредени региони е прогласена вонредна состојба поради опасно високите температури. Во делови од Андалузија живата во термометрите веќе надмина 45 степени Целзиусови.
Топлотниот бран се движи кон исток и север, а метеоролозите предупредуваат дека Полска викендов би можела да се соочи со рекордни температури. Во Варшава се прогнозираат до 38 степени, додека во некои делови од земјата температурите би можеле да достигнат и 41 степен Целзиусов. Експертите предупредуваат дека зачестените и сè поинтензивни топлотни бранови се уште еден показател за климатските промени, кои носат сè поголеми ризици за здравјето на луѓето, инфраструктурата и природата ширум Европа.