Воз минува низ пазар осум пати дневно, а продавачите имаат само 30 секунди да ја тргнат стоката

Пазарот Маеклонг, кој се наоѓа во провинцијата Самут Сонгкрам, околу 80 километри југозападно од Бангкок, постои од 1905 година. Железничката пруга била изградена подоцна, но продавачите одбиле да ги напуштат своите тезги. Наместо преселување, било пронајдено необично решение – пазарот останал, а возот продолжил да минува низ него.

Осум пати дневно се слуша предупредувачко ѕвоно, по што продавачите за помалку од една минута ги повлекуваат тендите и ја тргаат стоката од шините. Возот минува со мала брзина, оставајќи само неколку сантиметри простор меѓу вагоните и тезгите.

Штом ќе помине последниот вагон, сè се враќа на своето место и трговијата продолжува. На пазарот се продаваат свежа риба, морски плодови, овошје, зеленчук, зачини и традиционална храна, а најголем дел од купувачите се локални жители.

И покрај тоа што денес привлекува илјадници туристи, Маеклонг останува активен локален пазар. Во повеќе од еден век од неговото функционирање не е забележана посериозна несреќа, што го прави едно од најнеобичните места во Тајланд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс