Покраj филмските проекции, секоja кино-вечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделувањe на приказни кои инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат диjaлог.
Патувачкото кино не се само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.
- Со успешно реализирани проекции во Неготино, Пепелиште, Демир Капија, Долни Дисан, Негорци и Гевгелија, го заокруживме 17-тото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“. Посетеноста и прекрасната атмосфера на сите локации уште еднаш го потврдија интересот за гледање документарен филм на големо платно. Им благодариме на сите локални партнери, домаќини и на публиката што беше дел од ова патување. Сега го насочуваме вниманието кон 17-тото издание на фестивалот „МакеДокс“, кое ќе се одржи од 20 до 27 август во Скопје – истакнуваат од екипата „МакеДокс“.
Од 10 до 17 јули, караванот на Патувачкото кино помина низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го однесе документарниот филм на големо платно со проекции под отворено небо во места каде што ретко има можност да стигне.
Годинашното патување почна на 10 јули во Неготино, каде проекцијата се одржа кај Спомен-костурницата. Веќе следниот ден, 11 јули, Патувачкото кино гостуваше во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, караванот продолжи во Демир Капија, на градското Шеталиште, а на 14 јули беше во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери се одржаа на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.
Седумнаесеттото Патувачко кино на „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.