Париз и Берлин се здружија против Пекинг

Европската Унија да може побрзо да воведува царини и да го ограничува пристапот до својот пазар кога странската конкуренција ја загрозува нејзината индустрија. Ова го бараат Франција и Германија во заедничка иницијатива до Европската комисија, во услови на растечки трговски притисок од Кина.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц на 5 октомври ѝ испратија писмо на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, со предлог за нови механизми за заштита на европската економија. Комисијата ја поздрави иницијативата како придонес во дебатата за глобалните трговски нерамнотежи.

Париз и Берлин предупредуваат дека проблемот веќе ги надминува поединечните производи. Според придружниот документ, силен индустриски притисок трпат цели сектори, меѓу кои автомобилската и хемиската индустрија, фармацијата, воздухопловството и производството на индустриски машини.

Затоа бараат инструмент со кој Брисел би реагирал при тешки и системски нарушувања на конкуренцијата. Тој би можел да опфати царини и други ограничувања на пристапот до единствениот европски пазар, со побрзо одлучување и помалку бирократски постапки.

Предлогот формално не е насочен кон конкретна држава. Сепак, доаѓа во момент кога европските влади сè погласно предупредуваат на кинеските субвенции, производствените вишоци и нерамнотежата во трговијата со Пекинг. Според проценките што ги пренесува „Евроњуз“, трговскиот дефицит на ЕУ со Кина во 2025 година достигнал приближно една милијарда евра дневно.

Вториот дел од иницијативата се однесува на зависноста од добавувачи. Франција и Германија бараат механизам што би ја намалил прекумерната потпираност на една земја или компанија за важни производи и суровини. При проценката би се земале предвид и европската зависност и уделот на конкретниот добавувач на светскиот пазар.

Двете влади сакаат Комисијата почесто самостојно да отвора трговски истраги и посилно да ги користи постојните заштитни мерки. Нивната оценка е дека ограничувањата за тесни категории стоки не се доволни кога нарушувањата го опфаќаат целиот производствен синџир на некој сектор.

Во документот се признава и ризикот од одговор на засегнатите држави. Париз и Берлин предлагаат однапред да се направи преглед на можните противмерки и нивните последици за секоја членка, бидејќи трговскиот судир може различно да ги погоди европските економии и да го стави на испит единството на Унијата.

Засега станува збор за иницијатива, а не за веќе воведени царини или забрани. За новите правни инструменти ќе биде потребна согласност од земјите членки и Европскиот парламент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс