Американските здравствени власти потврдија дека заразата со паразитот циклоспора се проширила во најмалку 15 сојузни држави, а како главен извор е посочена контаминирана ледена салата.
Американските здравствени власти предупредуваат на голема епидемија на паразитската инфекција циклоспоријаза, која досега погодила повеќе од 25.000 луѓе. Заразата е потврдена во најмалку 15 сојузни држави, а истрагата покажала дека главен извор е контаминирана ледена (ајсберг) салата.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), случаите на инфекција годинава се регистрирани во дури 47 држави. Производителот „Taylor Farms“ ја повлече спорната салата од продажба, откако било утврдено дека потекнува од централно Мексико.
Циклоспора е микроскопски паразит што ги напаѓа цревата и најчесто се пренесува преку контаминирана храна. Болеста предизвикува силна воденеста дијареја, а симптомите можат да се појават дури неколку недели по изложувањето, што значително го отежнува откривањето на изворот на заразата.
Здравствените експерти предупредуваат дека ова е најголемата епидемија на циклоспоријаза досега во САД. Освен рекордниот број заразени, пријавени се и смртни случаи, додека Американската агенција за храна и лекови (FDA) продолжува да ја следи состојбата и можните нови жаришта.