Посетата на папата Лав XIV на Шпанија предизвика вистинска трка за места со поглед кон „Саграда Фамилија“ во Барселона. Жителите на делови од градот почнаа да издаваат балкони и тераси од каде што ќе може да се следи рутата на папамобилот, а цените достигнуваат и до 1.600 евра.
Огласите нудат привремен пристап до приватни балкони во близина на базиликата, најчесто за период од неколку часа. Според RTVE, цените се движат од околу 250 евра за поединечно место до 1.600 евра за цел простор, а некои понуди вклучуваат освежување, вино, тоалет и седење.
Најголем дел од понудите се однесуваат на станови во населбата Еишампле, во непосредна близина на „Саграда Фамилија“, каде што се очекува голем број верници, туристи и медиумски екипи за време на папската посета.
Шпанските медиуми предупредуваат и на можност од измами при вакви неформални договори меѓу приватни лица. На граѓаните им се препорачува внимателно да го проверат идентитетот на огласувачите и да бидат претпазливи при авансни плаќања.
Папата Лав XIV е во посета на Шпанија од 6 до 12 јуни, а меѓу клучните точки на патувањето се Мадрид, Барселона и Канарските Острови. Во Барселона, тој ќе ја посети „Саграда Фамилија“ и ќе ја благослови Кулата на Исус Христос, која со висина од 172,5 метри ја прави базиликата највисока црква во светот.
Посетата се одржува во годината кога се одбележува стогодишнината од смртта на Антони Гауди, архитектот на „Саграда Фамилија“. Поради големиот интерес, градските власти најавија засилени безбедносни мерки и ограничен пристап во делови околу базиликата.
Патувањето на папата во Шпанија има и поширока политичка и општествена тежина. Според агенциите, посетата е фокусирана на миграцијата, мирот, поларизацијата и улогата на Католичката црква во современото шпанско општество.