Панчо денеска ќе го славеше 47. роденден

Панчо почина пред десет месеци по долгата и тешка борба со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Владимир Блажев – Панчо, докажан македонски пејач и еден од фронтмените на групата ДНК, денеска ќе го прославеше својот 47. роденден.

Панчо почина пред десет месеци по долгата и тешка борба со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во катастрофата животот го загубија 63 лица, меѓу кои и речиси сите членови на бендот ДНК.

По повод неговиот роденден, сопругата Маја објави емотивна порака на социјалните мрежи, во која истакна дека иако физички не е меѓу нив, неговата љубов, добрина и насмевка засекогаш ќе останат дел од нивните животи.

„Денес е твојот роденден, а спомените за тебе живеат во нашите срца. Иако не си физички покрај нас, твојата љубов, добрина и насмевка остануваат засекогаш со нас. Те паметиме со љубов и благодарност за сите убави моменти што ни ги подари. Нека ти е вечен споменот. Среќен роденден таму каде што ангелите чуваат мир и светлина. Засекогаш ќе останеш во нашите мисли и во нашите срца“, напиша таа.

Владимир Блажев – Панчо, заедно со Андреја Ѓорѓиески – Андреј, ја основаше групата ДНК во 2001 година. Во текот на повеќе од две децении тие создадоа бројни хитови и станаа едни од најзначајните претставници на македонската поп и R&B сцена.

Освен како вокалист и автор на текстови, Панчо беше познат и како диџеј и основач на агенцијата „Sure Shotz Entertainment“, преку која организираше настапи на бројни регионални и светски хип-хоп и R&B изведувачи во Македонија.

Со ДНК зад себе остави четири студиски албуми и песни кои останаа омилени кај публиката, меѓу кои „Авион“, „Пази се од мене“, „Полна месечина“ и „Ако утре ме нема“, како и голем број успешни концерти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс