Паметни камери во 20 училишта во Тирана: Вештачката интелигенција сама ја алармира полицијата ако „види“ оружје

20 училишта во Тирана добија камери со вештачка интелигенција кои препознаваат оружје и опасни ситуации, но отвораат и сериозни прашања за приватноста.

Дваесет училишта во Тирана добија „паметни камери“ кои, покрај снимањето, со помош на вештачка интелигенција треба во реално време да препознаваат потенцијално опасни ситуации и автоматски да испраќаат предупредување до директорите, училишното обезбедување или полицијата.

Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека станува збор за првата фаза од проектот „Паметен град“, кој постепено треба да биде проширен и во други училишта. Системот беше најавен по убиството на 14-годишниот Мартин Цани, ученик во училиштето „Фан Ноли“ во Тирана.

За разлика од класичниот видеонадзор, новите камери не служат само за снимање, туку ја анализираат сликата додека настанот се одвива. Доколку системот препознае нож или друг потенцијално опасен предмет, треба веднаш да испрати предупредување до оперативниот центар.

Но, токму тука се отвора едно од клучните прашања: дали алгоритмот секогаш може правилно да процени што се случува во кадарот? Ножот може да биде знак за напад, но може да се појави и во сосема безопасна ситуација. Не се објавени податоци за тоа колку погрешни аларми може да генерира системот, ниту дали секој автоматски сигнал ќе биде проверен од обучен службеник пред да биде испратена полициска патрола.

Властите наведуваат и дека технологијата ќе може да помогне во лоцирањето лица по кои се трага, но не се објаснети техничките детали за начинот на нивното идентификување. Не е прецизирано дали камерите користат препознавање лица или друг вид биометриска анализа.

Дополнителни прашања се однесуваат на пристапот до снимките и податоците. Не е целосно јасно кој ќе има пристап до материјалите, каде ќе се чуваат, колку долго ќе остануваат во системот и дали технички пристап до нив ќе има и странската компанија ангажирана во проектот.

Според албанските правила за видеонадзор, снимката на која може да се идентификува лице се смета за личен податок. Вообичаено, ваквите снимки не треба да се чуваат подолго од 72 часа, освен ако постои документирана причина за продолжување на рокот.

Поширокиот проект „Паметен град“ е развиен со учество на компанијата „Presight AI“ од Обединетите Арапски Емирати. Според истражување на „Slow Media Albania“, значаен дел од техничките детали, безбедносните механизми и правилата за пристап до системот не се целосно достапни за јавноста.

Канцеларијата на албанскиот Комесаријат за заштита на личните податоци претходно потврдила дека за поширокиот проект не била спроведена процена на влијанието врз приватноста. Од јавно достапните информации не може да се утврди дали во меѓувреме е направена таква процена конкретно за системот поставен во училиштата.

Новата технологија би можела побрзо да открие оружје, тепачка или неовластено влегување во училишниот простор и да овозможи побрза реакција. Но, без целосна транспарентност за начинот на кој функционира системот, останува отворено важното прашање: дали децата во училиштата ќе бидат само побезбедни или и постојано анализирани од алгоритам чии правила и граници јавноста не ги знае?

е-Трн да боцка во твојот инбокс