Две лица загинаа, две се повредени, а по едно сè уште се трага откако медицински хеликоптер синоќа се урна во Тихиот океан во близина на островот Каталина крај брегот на Лос Анџелес. Локалните власти соопштија дека леталото паднало во морските длабочини веднаш по полетувањето од островот, по што американската крајбрежна стража и спасувачките служби започнаа итна операција за пронаоѓање на преживеаните.
Несреќата се случила синоќа нешто пред 20 часот по локално време, неколку минути по полетувањето на хеликоптерот. Островот Каталина се наоѓа на околу 35 километри оддалеченост од брегот на округот Лос Анџелес.
Џонатан Торес од противпожарната служба на округот Лос Анџелес потврди дека две лица го загубиле животот на местото на настанот. Двајца повредени патници веднаш биле извлечени и пренесени во локалните болници, додека здравствената состојба на еден од хоспитализираните сè уште не е позната.
Американската крајбрежна стража и нуркачките тимови на итните служби го лоцираа хеликоптерот на морското дно на длабочина од околу 73 метри.
Окружната надзорничка Џенис Хан на социјалната мрежа Икс соопшти дека леталото завршило во водата веднаш по стартот на летот, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите членови на екипажот. Според првичните сознанија на надлежните служби, хеликоптерот бил во сопственост на специјализираната компанија за воздушен медицински транспорт „REACH Air Medical Services“ од Сакраменто. Спасувачките бродови и хеликоптерските патроли остануваат на терен во обид да го лоцираат петтиот патник.