Голем шумски пожар избувна во близина на местото Агиос Василиос во регионот Беотија, во централна Грција, поради што грчките власти издадоа итно предупредување преку системот 112 и ги повикаа жителите да бидат во состојба на зголемена готовност.
Според грчките медиуми, огнената стихија брзо се проширила, а на терен веднаш биле ангажирани големи противпожарни сили. Во акцијата за локализирање на пожарот учествуваат 51 пожарникар, две специјализирани пешадиски единици и 17 противпожарни возила.
Во гаснењето се вклучени и авиони и хеликоптери
Гаснењето на пожарот се одвива и од воздух. Ангажирани се три противпожарни авиони и три хеликоптери, од кои еден служи за координација на целата операција.
Засега не е соопштено дали пожарот ги загрозува населените места, но властите внимателно ја следат состојбата и апелираат граѓаните да ги почитуваат упатствата на службите.
Пожари и во други делови на Грција
Ова не е единствениот пожар што денеска избувна во Грција. Утрово огнена стихија зафати ниска вегетација во областа на плажата Пелазгија, во општината Стилида, исто така во централниот дел на земјата.
Според грчката противпожарна служба, пожарот избувнал на земјоделско земјиште, далеку од населени места и критична инфраструктура, а надлежните служби продолжуваат со напорите за негово целосно локализирање.