На 29 јуни во Музејот за современа уметност, во организација на КРИК- фестивал за критичка култура ќе се одржи промоција на книгата „Овој живот – критики и еманципација“ од Мартин Хелгунд
„КРИК- фестивал за критичка култура оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите техно-феудални наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, грижливи и солидарни заедници.
Во време во кое иднината сè почесто се доживува како закана, а не како ветување, прашањето како да се живее добар и слободен живот повторно станува едно од најитните филозофски и политички прашања на нашето време. Што е она што навистина му дава вредност на животот? Од каде произлегуваат нашите најдлабоки заложби? И како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов?
Во предавањето, Мартин Хеглунд ќе ја претстави својата книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ (Контрапункт, 2020, превод: Жарко Трајаноски), дело кое во последните години се наметна како една од најзначајните интервенции во современата политичка филозофија и критичка теорија. Поаѓајќи од едно навидум едноставно, но радикално сознание – дека го имаме само овој живот – Хеглунд развива моќна одбрана на човечката конечност како темел на љубовта, посветеноста, етиката и политичката слобода“ велат организаторите.
За предавањето:
Ова предавање ја развива врската помеѓу критиката и еманципацијата во неговата книга „Овој живот“. Следејќи го Маркс, Хеглунд тврди дека општествената слобода е нашето највисоко добро и дека религиозните проекции на „битие надвор од нашето смртно постоење би исчезнале под еманципирани услови“. Сепак, за да се покаже зошто Маркс е во право, потребен е аргумент што самиот тој не го „дава“. Соединувајќи ја иманентната критика на религијата и иманентната критика на „капитализмот“, покажува како „Овој живот“ обезбедува нова визија за слободата, која ја признава нашата меѓусебна „зависност еден од друг“.
Предавањето ќе понуди можност за продлабочено размислување за врската помеѓу љубовта и политиката, помеѓу личната посветеност и колективната одговорност, како и за потенцијалот на демократскиот социјализам да создаде услови во кои секој човек ќе може навистина да располага со својот единствен и незаменлив живот. По предавањето ќе следува разговор и критичка дискусија со авторот.
После предавањето на Мартин Хеглунд, разговорот ќе го водат: Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров.