Отворен ден во Шумско Домче на 6 јуни

Првиот скопски извиднички одред организира отворен ден во Извидничкиот дом „Чичко Боро“ во Мала Река, со дружба, музика, активности во природа и заедничко собирање на извидници, родители, поддржувачи и пријатели.

На 6 јуни 2026 година, во сабота, во дворот на Шумско Домче, Извидничкиот дом „Чичко Боро“ во Мала Река, ќе се одржи отворен ден во организација на Првиот скопски извиднички одред и пријателите од викенд-населбата Мала Река.

Настанот е замислен како неформална дружба во природа, со музика, забава и активности за сите генерации. Поканети се родителите на извидниците, поддржувачите на одредот, соработниците, донаторите, спонзорите и сите пријатели на Шумско Домче.

Организаторите најавуваат дека настанот ќе се одржи по принципот „Bring your own food & drinks“, што значи дека секој посетител треба да понесе храна и пијалаци по сопствен избор.

Од ПСИО информираат дека ќе обезбедат неколку скари, плинска и на ќумур, како и реквизити за забава, меѓу кои пинг-понг, фудбалче, бадминтон и зиплајн. Ќе има и кисела вода, сокови, музика и нешто благо.

Целта на отворениот ден е заедничко дружење, запознавање и поддршка на извидничката заедница, како и промоција на Шумско Домче како простор за природа, детска радост, пријателство и активен викенд надвор од градот.

„Ве очекуваме да поминеме убав ден заедно, во извиднички дух, со многу насмевки, разговори и заедничка енергија“, порачуваат извидниците од ПСИО и пријателите од Мала Река.

е-Трн да боцка во твојот инбокс