Две години од трагедијата во Нови Сад: Граѓани и моторџии пристигнуваат на комеморативниот собир кај железничката станица

На денешен ден пред две години се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, а една жена беше тешко повредена. Комеморативниот собир почнува во 11:52 часот, во моментот кога се случи трагедијата.

Денеска се навршуваат две години од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, трагедија во која животот го загубија 16 лица, а една жена беше тешко повредена. Комеморативниот собир почнува во 11:52 часот – точно во времето кога настрешницата се урна на 1 ноември 2024 година.

Уште во утринските часови граѓани од повеќе правци се упатија кон железничката станица. Според информациите на српските медиуми, се очекува пристигнување и на колона моторџии од Белград, како и група пешаци од Темерин.

На чело на една од колоните, која тргнала од Медицинскиот факултет, граѓаните носат пет венци со имињата на загинатите, а зад нив се движи големо црно платно со натписот „11:52“ и бели гулаби. Три колони треба да се спојат кај Футошката пијаца, а потоа заедно да продолжат кон железничката станица.

Меѓу првите што пристигнале да им оддадат почит на загинатите биле и ученици од Гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“, облечени во жолти елеци.

Редари кај просториите на Српската напредна партија

Редари на Слободниот универзитет веќе се наоѓаат во близина на просториите на Српската напредна партија (СНС), недалеку од железничката станица. Според најавите, редари ќе бидат распоредени и кај зградите на Безбедносно-информативната агенција (БИА) и полицијата.

Во тек се последните подготовки за собирот, се поставува бината, како и видеоекрани долж Булеварот на ослободувањето. Сообраќајот во тој дел од градот е ограничен уште од утринските часови. По минутата молчење, предвидени се говори и настап на хор, по што ќе бидат положени цвеќе и запалени свеќи.

„Сè уште не почнало судењето за одговорните“

Академскиот пленум, неформална мрежа на наставници, соработници и истражувачи од високообразовни и научноистражувачки институции во Војводина, соопшти дека и по две години сè уште не започнало судењето за одговорните за трагедијата.

Во соопштението се наведува дека членовите на пленумот ќе се приклучат на комеморативниот собир, организиран од студентите, и се изразува уверување дека одговорните ќе бидат осудени по промена на власта. Пленумот ја поврзува трагедијата со корупцијата и нестручноста, став што го изнесува во своето соопштение.

Новосадскиот професор Владимир Михиќ изјави за телевизијата Н1 дека градот денес изгледа како што, според него, би требало да изгледа секој 1 ноември.

„Се надевам дека сме достојни за овие 16 души што ги дадоа своите животи. Дури почнува времето во кое треба да им се оддолжиме“, рече Михиќ, додавајќи дека тоа треба да се случи и преку казнување на одговорните за падот на настрешницата.

Шеснаесет жртви во трагедијата

Настрешницата на железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 година во 11:52 часот. Во моментот на несреќата загинаа 14 лица, а три беа тешко повредени. Две од повредените лица подоцна им подлегнаа на повредите во болница.

Меѓу загинатите беа Сара Фириќ (6), Валентина Фириќ (10) и Ѓорѓе Фириќ (53) од Ковиљ; Милица Адамовиќ (6), Сања Ќириќ Арбутина (35) и Милева Карановиќ (76) од Каќ; Немања Комар (17) од Степановиќево; Милош Милосављевиќ (21) од Книќанин; Стефан Хрка (27) од Белград; Анѓела Руман (20) од Стара Пазова; Горанка Раца (58) од Нови Сад; Ѓуро Швоња (77) од Степановиќево; Вукашин Раковиќ (69) од Буковац и државјанинот на Северна Македонија, Васко Саздовски (46).

Ања Радоњиќ (24) од Параќин почина во болница на 17 ноември 2024 година од последиците на тешките повреди, а Вукашин Црнчевиќ (18) од Змајево на 21 март 2025 година.


Теодора Мартинко ја преживеа несреќата со тешки повреди. Две години по трагедијата, семејствата на загинатите и граѓаните сè уште бараат одговорност за уривањето на настрешницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс