Церемонијата за официјално потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, која требаше да се одржи утре во Женева, е откажана бидејќи документот веќе е потпишан од далечина од двете страни. Ова го соопшти пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар во изјава за Би-Би-Си.
Според Дар, нема потреба од дополнителна свечена церемонија, бидејќи формалниот дел од договорот веќе е завршен, а процесот влегува во следна фаза која ќе се одвива преку технички разговори и работни групи задолжени за спроведување на договорените точки.
Претходно, висок пакистански функционер изјави за Би-Би-Си дека премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, ја одложил планираната посета на Женева. Како причина било наведено тоа што понатамошните активности ќе се реализираат преку одделни технички процеси поврзани со повеќе прашања опфатени во рамките на договорената сеопфатна рамка меѓу Вашингтон и Техеран.
Сомнежите дека може да дојде до промена на првично најавените планови се појавија уште рано утринава, кога Шариф направи измена во својата објава на социјалната мрежа Икс. Во првичната верзија беше наведено дека Пакистан, со поддршка на Катар, ќе биде домаќин на официјална церемонија во Швајцарија на 19 јуни, со која требаше да биде одбележано потпишувањето на меморандумот и почетокот на техничките разговори. Подоцна овој дел беше отстранет од објавата.
Во меѓувреме, и Вашингтон и Техеран официјално потврдија дека американскиот претседател Донал Трампи иранскиот претседател го потпишале Меморандумот за разбирање кој има за цел деескалација на тензиите и прекин на конфликтот во регионот на Блискиот Исток.
Иако деталите од документот сè уште не се целосно објавени, досегашните информации укажуваат дека станува збор за поширока рамка која треба да создаде услови за стабилизација на регионот и отворање нова фаза на дипломатски дијалог меѓу двете земји. Откажувањето на церемонијата во Женева не се толкува како застој во процесот, туку како знак дека договорот веќе е формализиран и дека вниманието сега се насочува кон неговата практична имплементација. Во наредниот период се очекува експертски тимови од двете страни да започнат разговори за конкретните механизми и чекори предвидени во меморандумот.
Развојот на настаните внимателно се следи од меѓународната заедница, бидејќи евентуалното намалување на тензиите меѓу САД и Иран би можело да има значајно влијание врз безбедносната и политичката состојба на Блискиот Исток, но и врз глобалните енергетски и економски текови.