Осум починати и 58 заболени: Македонија се соочува со најсилниот бран на западнонилска треска

Двајца пациенти сè уште се на апарати за дишење, а Европа оваа сезона брои над 1.000 случаи во 15 земји

Според податоците на здравствените власти, заклучно со 8 септември 2026 година, во Македонија се потврдени вкупно 58 случаи на западнонилска треска, а регистрирани се осум смртни случаи. Двајца пациенти со потврдена инфекција сè уште се во тешка здравствена состојба и се на апарати за дишење, додека останатите четворица хоспитализирани на Одделот за невроинфекции се стабилни. Здравствените власти оценуваат дека епидемијата веќе стивнува, но опозициската СДСМ ја обвинува власта за задоцнета реакција.

Осум починати, сите мажи над 60 години

Сите осум починати пациенти се од машки пол и се постари од 60 години, сите се од Скопје, а седум од нив имале и други придружни заболувања. Инфектолозите предупредуваат дека кај пациентите со невролошки симптоми опоравувањето може да трае со месеци, поради што Министерството за здравство веќе ги алармирало надлежните институции за следење на пациентите кои ја прележале потешката форма на болеста.

Политички спор за одговорноста

Опозициската СДСМ и натаму ја обвинува власта за лошо управување со здравствената криза. Во соопштение, партијата наведе дека бројот на заболени расте, а бројот на починати достигнал осум, оценувајќи дека не станува збор само за статистика, туку за човечки животи. Од СДСМ ги обвинуваат министерот за здравство Азир Алиу и премиерот Христијан Мицкоски дека со недели доцнеле со прскањето против комарци и со системските превентивни мерки.

Европа: над 1.000 случаи во 15 земји

Според последниот неделен извештај на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), со податоци до 3 септември 2026 година, 15 европски земји пријавиле вкупно 1.086 локално пренесени случаи на западнонилска треска кај луѓе во тековната сезона. Најпогодена е Италија, со 516 случаи, следена од Грција со 284, Шпанија со 88, Романија со 56 и Македонија со 55 случаи според европската евиденција, петта по бројот на случаи во Европа. Следат Франција со 36, Србија со 18, Холандија со девет, Хрватска со седум, Кипар со шест, Австрија со четири, Унгарија со три, Германија со два, а Албанија и Косово со по еден случај.

Три смртни случаи во Холандија

Холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ) соопшти дека три лица починале во последните неколку недели од инфекција со вирусот, откако минатиот месец беше потврдена и првата смрт, само една недела откако беше регистриран првиот случај во земјата од 2020 година наваму. Бројот на заразени во Холандија пораснал на 18. Раст на бројот на случаи оваа сезона се бележи и во Грција и во Италија.

Ризик од потешка форма кај еден од 150 заразени

Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец. Според Светската здравствена организација, тешка форма на болеста, со невролошки компликации, се развива кај приближно еден од 150 заразени. СЗО посочува дека повисоките температури и подолгите лета им овозможуваат на комарците подолг период и поголем простор за ширење на вирусот низ Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс