Осуденичка во Тенеси преживеа две смртоносни инјекции, гувернерот ги запре погубувањата

Криста Гејл Пајк дишела речиси еден час по добивањето две дози пентобарбитал, по што е итно префрлена во болница надвор од затворот.

Осуденичката на смрт во американската сојузна држава Тенеси, Криста Гејл Пајк (50), преживеа обид за егзекуција откако прими две последователни дози од смртоносниот лек пентобарбитал. Постапката започна во средата навечер во затворот со максимална безбедност „Ривербенд“ во Нешвил, но откако Пајк продолжила да покажува знаци на живот речиси еден час, таа итно е префрлена во цивилна болница. По инцидентот, гувернерот Бил Ли ги стопираше сите планирани погубувања за годинава и нареди независна истрага.

Егзекуцијата започнала во средата навечер со примена на пентобарбитал, супстанција што Тенеси ја користи како стандардно средство за смртоносна инјекција. Според новинарите кои го следеле процесот од просторијата за сведоци, педесетгодишната Криста Гејл Пајк по првата доза ја изгубила свеста, но не престанала да дише. Поради тоа, надлежните службеници ѝ аплицирале и втора доза од истиот лек.

Ниту дополнителната доза не довела до прекин на виталните функции. Сведоците пријавиле дека од просторијата за егзекуција се слушале звуци слични на хрчење, а Пајк давала јасни знаци на живот повеќе од 40 минути по примената на втората инјекција.

Од Одделот за корекција на Тенеси соопштија дека службениците целосно ги следеле чекорите пропишани со државниот протокол за извршување смртна казна. Според нивното официјално образложение, правилникот не предвидува давање трета доза доколку првите две не предизвикаат смртен исход.

Откако станало јасно дека осуденичката е сè уште жива по речиси еден час од почетокот на егзекуцијата, затворскиот тим го прекинал процесот. Пајк со возило на брза помош била транспортирана во надворешна медицинска установа. Затворските и болничките власти засега одбиваат да соопштат детали за нејзината моментална здравствена состојба.

Веднаш по неуспешното погубување реагираше гувернерот на Тенеси, Бил Ли. Тој соопшти дека издал наредба за итно запирање на сите преостанати егзекуции закажани во сојузната држава до крајот на годинава.

Ли најави спроведување независна и темелна истрага за целиот тек на постапката во „Ривербенд“, со посебен фокус на исправноста на хемиските супстанции и постапувањето на медицинскиот персонал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс