Продолжува борбата за пласман во четвртфиналето на Светското фудбалско првенство. Вечерва, од 22 часот, Бразил ќе игра против Норвешка, додека во 2 часот по полноќ Мексико ќе се соочи со Англија. Во вчерашните осминафинални натпревари, Франција го елиминираше Парагвај со минимални 1:0, а Мароко беше подобар од Канада.
Преостанатите осминафинални двојки се:
- Португалија – Шпанија
- САД – Белгија
- Бразил – Норвешка
- Мексико – Англија
- Аргентина – Египет
- Швајцарија – Колумбија
Мбапе повторно во центарот на вниманието
По победата над Парагвај, француската ѕвезда Килијан Мбапе привлече внимание бидејќи одбил да се поздрави со голманот на Парагвај, кој претходно го погодил со топка. Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, одговори на критиките што ги доби по пресвртот против Јапонија во шеснаесетфиналето.
„Подготвив повеќе од 1.400 натпревари. Само една личност може да ми дава совети“, изјави искусниот италијански стратег.
Селекторот на Англија, Томас Тухел, ги демантираше шпекулациите дека репрезентацијата користела вијагра како средство против висинската болест пред натпреварот со Мексико. Настапот на десниот бек Рис Џејмс против Мексико останува неизвесен поради повреда на задната ложа. Фудбалерот на Челси не тренирал со тимот од повредата што ја заработи на натпреварот против Гана на 23 јуни.
Тухел потврди дека Џејмс ќе мора да добие дозвола од лекарскиот тим доколку треба да биде во составот.
„Рис можеби ќе биде на клупата. Потребна е уште една лекарска проценка за да видиме дали тоа има смисла“, изјави англискиот селектор.
Добри вести за Англија е што дефанзивецот Џарел Кванса, кој настапува за Баер Леверкузен, целосно се опоравил и е подготвен за игра. Одредени проблеми има и играчот за врска Деклан Рајс од Арсенал, кој исто така има повреда на задната ложа, но според информациите од англискиот табор се очекува да биде стартер против Мексико.
Французите се жалеа на грубата игра
По минималната победа над Парагвај, француските репрезентативци изјавија дека одамна не одиграле натпревар со толку груба игра од противникот.
Во меѓувреме, шпанскиот спортски весник „Марка“ повторно го отвори прашањето за високите температури за време на Светското првенство, оценувајќи дека жештината значително влијае врз играта и физичката подготвеност на фудбалерите.