Search

Оскарот оди кај?

Синоќа се одржа цермонијата на доделување на Оскари. Како и секоја година и оваа преносот од доделувањето не го гледав. Доволно ми е да прочитам кои филмови ги добиле наградите и евентуално да се заинтересирам да погледнам некои од наградените филмови, или од оние кои биле во потесниот избор, а за кои не дошло ред или време за да ги гледам.  

Мало истражување за тие филмови, пред се за приказната која ја раскажуваат затоа што специјалните филмски ефекти не ме интересираат воопшто и понекогаш се случува да бидам позитивно изненаден, најчесто од оние кои не добиле Оскари, иако имало и спротивни случаи. Како чешкиот Коља кој  доби Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје,  корејскиот Паразит или пак Пиано од далечната 1993 .

Има уште многу  филмови кои биле наградувани и ми се допаднале. Но има уште повеќе филмови кои воопшто не биле номинирани за Оскар, за кои малку се знае а кои вредат да се погледнат. Со ова не кажав ништо ново затоа што верувам дека сите ние имаме омилени филмови кои воопшто не го ни започнале патот на номинирање за некоја од Оскар наградите.

Последниве години гледав многу иранска и пред се палестинска и израелска филмска продукција. Веќе насетувате дека толку од темата Оскари. Во право сте, оваа колумна сега  свртува во друг правец, кон друга цел. А, таа е да заборавите барем за момент  на извиканите филмови кои ги  влечат по црвените оскаровски теписи каде ги гледаат луѓе кои креираат и облекуваат специјални и скапи облеки за да се појават и фотографираат на истите тие црвени теписи.  

Со други зборови, сакам да претставам еден интимен филм кој е далеку од гламурот на оскаровската вечер. Филм кој ги третира човечките судбини на луѓето кои живеат на територијата на денешен Израел и кој ја прикажува бесмисленоста на поделбите помеѓу палестинците и евреите. Филмот е од 2008 година,  ме освои со неговата раскажувачка способност и ме натера да се заинтересирам и да пребарувам филмови од палестинската и израелската продукција со месеци. Мислам дека од 2014 година кога случајно налетав на него до денес изгледав преку 30 нивни филмови.

Името на филмот е Lemon Tree на изрелскиот режисер Eran Riklis а главната улога ја игра феноменалната палестинска актерка Hiam Abbass.  Тоа што режисерот е Израелец а во главната улога е Палестинка е уште една препорака. Lemon Tree е филм кој преку приказната за една градина со лимони чија сопственичка е Палестинката Salma (Hiam Abbass ) се портретира проблемот на окупираната територија од страна на Израел, бирократските лавиринти на израелскиот систем креиран за Палестинците  но и  за респектот и меѓусебното разбирање што се јавува меѓу Salma и сопругата на израелскиот министер за одбрана, кои како семејство се доселуваат во куќата која граничи со оваа градина и поради тоа таа мора да биде уништена затоа што според проценките на израелската влада, оваа градина со лимони поради местоположбата би можела да биде искористена за евентуален терористички напад врз министерот.

Колку и да ви звучи политички овој наратив филмот е повеќе како бајка, кој ве вовлекува во секојдневниот обичен живот на една Палестинка и нејзината грижа за градината со лимони потенцирајќи ги основните човечки категории како праведност, мир, солидарност и хуманост.  Гледајќи го филмот нема да почувствувате голема непријатност, нема да размислувате за војни и крв, иако тие се тука негде и може да се намирисаат. Филмот има една блага и мека нота која освојува. Има и борба, не со оружје, туку борба со законите и бирократијата преку која се разобличуваат државните асимилаторски политики и која во својата основа ја има надежта за подобро утре во кое градината со лимони ќе опстои а Salma ќе продолжи да прави свежо цеден сок и слатко од лимони со кои ги удостојува сите кои ќе ја посетат.   

Една од најмоќните сцени на филмот доаѓа на крајот, додека министерот за одбрана седи сам во темна дневна соба ролетните на прозорците се креваат за да го откријат бетонскиот ѕид кој е подигнат меѓу неговата куќа и градината со лимони. Сега наместо во градината, министерот гледа во бетонски плочи. Камерата се пробива над ѕидот и ја прикажува градината на Salma и како таа оди меѓу напола исечените лимони. Колку градини со лимони треба да се искорнат, колку големи ѕидови треба да се изградат, колку земја треба да се присвои, колку домови да се уништат и дали тоа ќе направи една нација да се чувствува побезбедна, помалку исплашена и послободна. “ Дрвата се како луѓето, имаат душа и ним им е потребна нежна и грижлива љубов.”

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни