Америка: Запревме 31 брод во Ормус

Американските сили запреа 31 брод во рамки на блокадата во Ормус. CENTCOM тврди дека дел од пловилата биле пресретнати и пренасочени.

Американските сили наредиле 31 пловило да се повлече или да се врати во пристаниште како дел од поморската блокада на иранските пристаништа што ја спроведува Вашингтон, соопшти Централната команда на САД (CENTCOM), пренесува Anadolu.

Таа бројка е поголема во однос на 29те пловила пријавени еден ден претходно, а доаѓа по неделното пресретнување на товарниот брод „Touska“, кој плови под иранско знаме, во северниот дел на Арапското Море. Бродот бил онеспособен од разурнувачот USS Spruance откако екипажот шест часа не ги послушал предупредувањата.

CENTCOM ги демантира извештаите за заобиколување на блокадата

CENTCOM ги отфрли медиумските извештаи според кои неколку комерцијални бродови успешно ја заобиколиле блокадата, нарекувајќи ги неточни.

Во тие извештаи се наведуваше дека бродовите M/V Hero II, M/V Hedy и M/V Dorena поминале низ блокадата и пренеле милиони барели нафта.

CENTCOM тврди дека Hero II и Hedy всушност се закотвени во иранскиот Чабахар откако биле пресретнати од американските сили претходно оваа недела. Во исто време се наведува дека, Dorena се наоѓа под придружба на американски разурнувач во Индискиот Океан по обид за пробивање на блокадата.

Иран засега не ја коментирал американската верзија на настаните.

Примирје е во сила, преговори се очекуваат наскоро

Пловидбата низ Ормускиот теснец е сериозно нарушена откако на 28 февруари започна војната меѓу САД и Израел против Иран, што ги потресе глобалните енергетски пазари и предизвика страв од долготрајна економска штета. Во моментов е во сила примирје со посредство на Пакистан, а наскоро се очекуваат нови преговори за трајно завршување на конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни