Свикан кризниот штаб во Центар по невремето, службите излегуваат на терен

Градоначалникот Герасимовски бара пријавување штети преку официјалните канали и апелира граѓаните да не излегуваат без потреба.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свика итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување по силното невреме што го зафати Скопје. Сите надлежни служби се во состојба на целосна подготвеност, а екипите излегуваат на терен за увид и отстранување на последиците.

По свикувањето на итниот состанок од страна на градоначалникот Герасимовски, започна координацијата меѓу сите надлежни служби. Екипите веднаш се упатуваат на терен за да направат детален увид на состојбата. Општинските служби се ставени во состојба на целосна подготвеност за брзо отстранување на последиците од силниот ветер и дождот.

Општината упати апел до сите граѓани да бидат внимателни и да избегнуваат непотребно движење додека траат лошите временски услови. Сите случаи на паднати дрвја, оштетена инфраструктура или други штети од невремето треба веднаш да се пријават преку официјалните канали за комуникација на Општина Центар, за да им се овозможи на екипите да интервенираат каде што е најпотребно.

Невремето што го зафати Скопје донесе силен ветер и обилен дожд, што предизвика сериозни материјални штети во повеќе градски населби. Ветерот падна десетици дрвја и гранки на коловозите, а на повеќе локации беа оштетени и покриви на објекти, што доведе до прекини и хаос во сообраќајот.

Поради настанатата ситуација, Град Скопје отвори директна телефонска линија каде што граѓаните можат да пријават штети или да побараат итна помош од градските служби.

Сите граѓани на кои им е потребна поддршка или се наоѓаат во итна состојба можат да се јават на телефонскиот број: +389 78 207 687.

е-Трн да боцка во твојот инбокс