OpenAI планира втор центар во Германија по растот на побарувачката за вештачка интелигенција

ОпенАИ планира нова локација во Берлин и разгледува изградба на сопствени центри за податоци во Германија.

OpenAI планира да го прошири своето присуство во Германија со нова локација во Берлин, најави извршниот директор Сем Алтман. Компанијата размислува и за изградба на сопствени центри за податоци поради зголемената побарувачка за инфраструктура за вештачка интелигенција.

Американската компанија во моментов има канцеларија во Минхен, а Алтман најави дека берлинската локација би можела да биде отворена наскоро, без да прецизира датум.

Германија е најголемиот европски пазар за услугата ЧетЏПТ според бројот на корисници кои плаќаат за услугата. Според податоците на компанијата, земјата е меѓу трите најголеми пазари на глобално ниво и е меѓу оние со најбрз раст.

Алтман посочи дека германската економија активно ја користи вештачката интелигенција и дека земјата е важен партнер за компанијата. Како пример ја наведе соработката со Дојче телеком.

За време на посетата на Берлин, Алтман разговарал со претставници на германската влада и за можноста за изградба на центар за податоци. Сепак, конкретен договор сè уште нема.

OpenAI ги разгледува можностите за инвестирање во локална инфраструктура, со оглед на брзиот раст на потребата од компјутерски капацитети за развој и работа на современите модели за вештачка интелигенција.

Алтман нагласи дека секоја држава треба сама да одлучи дали ќе гради сопствени центри за податоци или ќе користи капацитети што ги обезбедуваат други земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс