ОПЕК+ подготвува ново зголемување на производството на нафта: Клучна одлука што може да влијае на цените од јули

Седум водечки членки на ОПЕК+ денеска одлучуваат за можно зголемување на производството на нафта од јули. Предлогот предвидува дополнителни 188.000 барели дневно, што би можело да влијае врз глобалниот енергетски пазар и цените на суровата нафта.

Седумте клучни членки на алијансата ОПЕК+ денеска одржуваат важен состанок на кој се очекува да донесат одлука за ново зголемување на производството на нафта од јули, јавуваат светските агенции.

Според информации на Ројтерс, земјите разгледуваат можност за зголемување на дневното производство за 188.000 барели во споредба со јуни. Доколку предлогот биде усвоен, тоа ќе биде исто ниво на зголемување како и минатиот месец, но нешто пониско од растот на производството што беше одобрен во април и мај. Извори запознаени со разговорите наведуваат дека промените делумно се поврзани со новиот производствен статус на Обединетите Арапски Емирати во рамките на системот на квоти на ОПЕК+.

„Седумте учеснички најверојатно ќе донесат одлука за зголемување на квотите за 188.000 барели дневно од јули“, изјавил извор близок до преговорите. Конечната одлука сè уште не е официјално потврдена и се очекува по завршувањето на денешниот состанок. Според досегашните информации, министрите на ОПЕК+ не планираат поголеми промени во актуелната политика за производство на нафта, освен можното прилагодување на квотите за одредени земји членки.

Одлуката внимателно ја следат светските пазари бидејќи секоја промена во производството на ОПЕК+ може директно да влијае врз глобалната понуда на нафта и врз движењето на цените на енергенсите во наредните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс