Меѓународната поморска организација на Обединетите нации (ИМО) официјално го активираше долгоподготвуваниот план за евакуација на стотици трговски бродови и околу 11.000 поморци, кои со месеци беа заробени во Заливот поради воените тензии. Како што пренесува агенцијата „Ројтерс“, оваа масовна спасувачка акција доаѓа непосредно откако Иран и Соединетите Американски Држави постигнаа договор за регионален прекин на огнот и деескалација, со кој се гарантира безбедноста на стратешкиот Ормуски Теснец.
Портпаролот на ИМО потврди дека агенцијата веќе стапила во директен контакт со заглавените екипажи за да ја започне евакуацијата. Генералниот секретар на организацијата, Арсенио Домингез, изјави дека се обезбедени сите потребни безбедносни гаранции и дека операцијата ќе се спроведува во исклучително тесна соработка со Иран, Оман, американската војска, крајбрежните држави од регионот и глобалната поморска индустрија.
Евакуацијата ќе се одвива етапно и под строга контрола поради зголемениот ризик од поморски инциденти и судири, соопшти Министерството за одбрана на Оман. Официјален Маскат предупреди дека традиционалната шема за раздвојување на сообраќајот во теснецот, воспоставена уште во 1968 година, во моментов е небезбедна, главно поради опасноста од подметнати плутачки мини. Поради тоа, за безбедно извлекување на конвоите ќе се користат две алтернативни, привремени рути лоцирани северно и јужно од стандардниот пловен пат, а секој брод поединечно ќе добие точен датум и тајминг за транзит.